Македонија тргнува по нови успеси – ѝ Бугарија да ја види нашата моќ!

Македонската фудбалска репрезентација тргнува во нов циклус, попладнево (18 часот) во Разград во „балканското дерби“ против Бугарија во Лигата на нации, нов почеток за црвено-жолтите со крајна цел на лето за две години да играме на второто Европско првенство, после историскиот настап ланското лето низ Европа.

Македонија изминативе 20 месеци ги живееше најубавите фудбалски моменти, стана светска инспирација, па сега со еден поинаков амбиент почнува нова страница од својата фудбалска историја, во која досегашните успеси треба да се надградат, а оваа генерација покажа дека знае и умее да игра фудбал и да – победува! И како и досега, освова за добар почеток е респект кон противникот, без потценувања или преценувања, тимска дисциплина и максимална концентрација.

Бугарија е првиот противник во напорниот период од десет дена со четири меча, селекција која резултатски е ужасна во последниве години, но е земја со голема фудбалска традиција, која не е „фудбалски пациент“ за бодовите во оваа наша фудбалска еуфорија лесно да ги освоиме, ако нема максимална посветеност и концентрација во 90 минути. Македонија во март ја изненади Италија за да ја елиминира од баражот, ама и Бугарија ѝ го најави потопот со ремито без голови во групната фаза, бодови кои ги чинеа „аѕурите“ да не одат директно на СП, туку вторпат по ред после дебаклот со нас, Мундијалот да го гледаат на телевизија.

Задоа денешната пресметка во Разград ќе почне да трасира еден долг и тежок пат, полн со пречки кон наше ново учество на големата сцена, а на избраниците на Милевски е предизвикот да покажат дека ѝ покрај сите успеси, цврсто газат на земја и не „летаат во облаци“. Бугарија нема резултати, нема ни фудбалска еуфорија, но противникот денеска ќе направи сѐ, ќе биде крајно мотивиран, агресивен за да најави свој нов почеток, да си даде нова надеж дека доаѓаат подобри денови. Затоа и предизвикот да се освои Разград ќе биде потежок, ама на Барди, Алиоски, Елмас, Велковски, Чурлинов и останатите е да им го загорчат животот на Бугарите и да покажат дека Македонија е поквалитетна во моментов.

Лигата на нации повторно ја отвора портата кон Еуро 2024 со бараж за првопласираните, па целта е да се освои групата, со што не само што би добиле „втора шанса“ за настап на континенталниот собир, туку би не турнала евентуално и во третиот барабан за главните евроквалификации догодина преку кои ќе биде главната битка за Еуро 2024. Затоа и Македонија, сега како најдобро рангирана во групата, а и со багажот на историски потфати и две чуда во една година (Германија, па Италија) треба да го задржи континуитетот и уште еднаш да покаже дека оваа генерација е создадена за големи нешта.

Успесите од последниот период се веќе минато, а секој нов предизвик е нова шанса за докажување.