Македонија загуби од Ерменија и остана без пласман во Б Лигата на нации

Штета. Нема совршен крај на ноемврискиот циклус за Македонија, нема совршен крај за оваа 2020 година, нема ни Б Лига на Нации. Македонската репрезентација вечерва во Никозија загуби од Ерменија со 0:1 во последниот меч од Лигата на Нации во сегментот Ц. Нас ни требаше барем реми, но ете не успеавме.

Но ова не е никаква трагедија, посебно ако се знае дека вечерва игравме без осумина стандардни репрезентативци, а ние сме и на ЕВРО 2020.

Добро прво полувреме, имавме шанси. Во вториот дел Ерменија нешто подобро и со голот на екс вардарецот Хофханес Хамбарѕумјан во 5. минута Ерменија славеше над Македонија.

Уште на стартот од овој натпревар нашата репрезентација покажа дека нема намера да оди на реми по секоја цена, да го чува голот. Веднаш момците на селекторот Ангеловски ја презедоа иницијативата, поседот на топката беше на наша страна и тоа во огромен процент, а можевме да поведеме ако Трајковски кој испрати две вистински “бомби“ барем малку имаше среќа. Сепак голманот на Ерменците Јурченко не ни даде да се радуваме. Тие два шута беа во 18. и 24. минута. Шанса имаше и Тричковски кој се обиде со “ножички“, но и тој не успеа.

Реално и Ерменија можеше да поведе, тука пред се мислиме на зицерот на Карапетјан во 25.минута, но нашиот голман Шишковски на фантастичен начин го спаси својот гол. Во финишот на првиот дел и екс – вардарецот убаво пласираше, но Шишко и сега беше на своето место. Па така на полувреме се замина со резултат 0:0, резултат кој нас ни одговара.

Вториот дел започна некако растргано на двете страни, немаше којзнае каква игра, но имаше многу борба на средината на теренот. Во тие моменти Тричковски мораше да реагира подобро, но од само 10-12 метри шутираше покрај голот. И тогаш мал шок за нашите момци. Имено се играше 55.минута кога екс вардарецот Хофханес Хамбарѕумјан се најде сам пред Шишковски по десната страна, тука немаше никој од нашата одбрана и реализираше за водство на Ерменија. Притоа двајца наши ја чепнаа таа топка, но не успеаја да ја отстранат опасноста. Во 61.минута одново Трајковски се заканува, но Јурченко одново брани. Сега Алекс шутираше од слободен удар одлево од околу 27-28 метри.

Во 80.минута Шишко одново спасува чист гол, Хофхансјан имаше повеќе од зицер, но нашиот голман чудесно спасува.

Па така со тие 0:1 за Ерменија заврши овој натпревар.

ФОТО: Игор Паневски

ЛИГА НАЦИИ – СЕГМЕНТ “Ц“

ЕРМЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1:0 (0:0)

„ГСП Арена“ во Никозија (Кипар). Гледачи: Судија: Боби Мејден (Шкотска). Стрелци: Хамбарѕумјан 55. (ЕРМ). Ж. Картони: Восканјан, Корајан, Удо, Барсегјан (ЕРМ), Муслиу (МАК).

Играч на натпреварот: Дамјан Шишковски (Македонија).

ЕРМЕНИЈА: Јурченко, Хамбарѕумјан, Харојан, Восканјан, Хофханисјан, А. Григорјан, Удо (46. Ангуло), Барсегјан (90. Ишкарјан), Корајан (65. С. Григорјан), Хакобјан (70. Мурадјан), Карапетјан (46. Бичакчајан).

Селектор: Хоакин Капарош.

МАКЕДОНИЈА: Шишковски, Зајков, Велковски, Муслиу (70. Китановски), Бејтулаи, Костадинов (62. Мицевски), Тотре (84. Трајчевски), Ристовски (70. Дориев), Трајковски, Тричковски, Стојановски (62. Несторовски).

Селектор: Игор Ангеловски.