По нецела година од две големи натпреварувања, Олимпијадите во Токио и Пекинг, македонските спортисти ги очекува настап на Медитеранските игри во Оран, Алжир од 25 јуни до 5 јули.
– Ова се натпреварувања на кои голем број наши спортисти имаат шанса да ги измерат силите со други натпреварувачи од големи држави. Во нормални услови тие би немале таква можност. Затоа Медитеранските игри за нас Македонија е многу важно натпреварување, изјави Владимир Богоевски, спортскиот директор на Олимпискиот комитет на Македонија.
На минатите Медитерански игри одржани во Тарагона, Шпанија, Македонците се вратија со шест медали, сега целта е поголем број одличја.
– Се надеваме на поуспешни настапи и поголем број медали, додаде Богоевски.
На денешната прес-конференција организирана од страна на Олимпискиот комитет, присуствуваа и дел од спортистите. Најпознат од нив е таеквондистот Дејан Георгиевски, освојувачот на сребрен медал од последната Олимпијада.
– На претходните Медитерански игри освоив сребро, сега одам да освојам златен медал. Се надевам на повеќе медали од целиот наш тим, да бидат барем повеќе од десет, рече Георгиевски кој заедно со каратистката Симона Заборска ќе го носат македонското знаме на Свеченото отворање.
Македонската делегација ќе брои 114 лица, од кои 77 спортисти кои ќе се претстават во десет спорта: ракомет (мажи и жени), одбојка (мажи и жени), таеквондо, џудо, карате, борење, пливање, стрелаштво, атлетика и мечување.
На Игрите во Оран се очекува да присуствуваат 3.390 спортисти.
Македонската експедиција на Игрите во Алжир ќе замине вечер во 21 часот со чартер-лет.