![jagneskacorba](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2013/12/jagneskacorba.jpg?resize=510%2C287&ssl=1)
За денешниот ручек ви предлагаме две традиционални македонски јадења, вкусна чорба со јагнешко и торта со шербет.
Потребно:
750 гр јагнешко месо
половина јагнешка глава
една главица кромид
зеленчук за чорба – морков, компир, магдонос
две лажици брашно
масло за јадење
црвен пипер, сол, бидер
една жолчка од јајце
една шолја кисело млеко
три лажици киселина
еден филџан ориз
Подготовка:
Главата и месото исечете ги на парчиња, измијте ги, оставете ги во сад и залејте ги со околу два литра студена вода. Кога ќе зовријат, ставете, по вкус, зеленчук, магдонос, кромид и неколку крупни зрна црн пипер. Чорбата воопшто не смее да врие силно. Откако ќе поврие околу два часа, во помал сад ставете 2-3 лажици масло. Кога ќе се загрее, ставете две лажици брашно, пропржете го да добие жолта боја, додајте на врвот од ножот црвен пипер и запржете ја чорбата. Запржена, чорбата треба да поврие половина час на тивок огин.
Пред да се претури чорбата во садот во кој ќе се служи, мора да се процеди, а потоа и да се зачини. Во посебен сад изматете ја жолчката, додајте една чаша кисело млеко добро изматете ги и, мешајќи постојано, истурајте ја смесата во врелата чорба.
Откако ќе се процеди, во чорбата се додава еден филџан ориз.
По вкус можете да додадете киселина или лимон.
Вкусен македонски десерт кој е одличен со кафе.
Потребно:
4 јајца
200 гр шеќер
200 гр мелени ореви
12 лажици млеко
12 лажици масло за јадење
12 лажици гриз
12 лажици брашно
1 прашок за печење
За шербет:
750 гр шеќер
1 кг вода
2 кесички ванилин шеќер
1 парче лимон
Подготовка:
Јајцата и шеќерот се матат како за торта, потоа се додаваат по 12 лажици млеко, масло за јадење, гриз, брашно во кое има измешано една кесичка прашок за печење и мелените ореви. Смесата се истура во претходно намрсен плех и се пече на 180 степени околу 30 минути (додека да се испече). Испечената торта ја оставаме да се олади и ја сечеме на парчиња. Во меѓувреме го подготвуваме шербетот. Во тенџере на оган ставаме да зоврие еден литар вода и 1 килограм шеќер. Оставаме да проврие околу пет минути (додека малку да се згусти), го тргаме од огнот и потоа ги додаваме ванилиниот шеќер и парчето лимон. Го промешуваме и го прелеваме врз ладната торта. Ја оставаме тортата да отстои додека да го впие шербетот.