Поддршката за актуелниот француски претседател Емануел Макрон е на највисокото ниво на помалку од два месеца пред првиот круг од претседателските избори, благодарејќи најмногу на неговата посредничка улога во украинската криза, покажуваат резултатите од испитувањето на јавното мнение објавени во понеделникот.
Поддршката за Макрон пораснала за 2 отсто во однос на минатото истражување според институтот IFOP направено за дневниот весник Paris Match. Така сега има 28 отсто поддршка, најмногу откако се спроведуваат анкетите, а растот на поддршката доаѓа многу блиску од одржувањето на првиот круг на претседателските избори закажан за 10-ти април.
Втора во анкетата е челничката на десната партија Национален собир, Марин Лепен позната по блиските односи со рускиот претседател Владимир Путин, чија поддршка се намалила за 0,5-процентни поени и сега е на 16 отсто, додека трет е крајно десниот телевизиски новинар и колумнист Ерик Земур кој паднал на 14 отсто поддршка. Поддршката за конзервативката од партијата Републиканци, Валери Пекрес, паднала за 1 отсто, на 13 отсто.
Макрон се промовираше како предводник на напорите на Европската унија да се избегне војната во Украина. Во феврури во Москва имаше речиси шестчасовни разговори со Путин и изминатите денови, вклучителни и во понеделникот минуваше часови во телефонски разговори со рускиот и другите светски челници.
Руската воена интервенција или инвазија во Украина, отиде на штета на неговите десничарски противкандидати и ги принуди Лепен и Земур, кои беа прокажани како русофили и се декларирани суверенисти, да ја правдаат својата претходна поддршка за Путин.
Макрон, кој сѐ уште не ја објави својата претседателска кандидатура но се очекува дека тоа ќе го стори во најскоро време, се смета за фаворит на изборите на 24-ти април. Поради тоа што во Франција традиционално во вториот круг конзервативците, центристите, социјалистите и левичарите коалицираат против десните кандидати, анкетата која е спроведена на примерок од 1.500 испитаници, покажува дека во вториот круг Макрон би освоил 56,5 отсто а Лепен 43,5 отсто од гласовите.
Друга анкета која беше објавена во текот на кризата покажува дека гласачите ја поддржуваат улогата на Макрон во украинската криза. Го поддржале 58 отсто Французи според Harris Interractive, додека Лепен во овој сегмент имала 28 отсто а Земур 21 отсто поддршја. Речиси две третини од испитаниците навеле дека украинската криза ќе влијае на тоа како ќе гласаат на претседателските избори.