Францускиот претседател Емануел Макрон излезе со помек став во однос на почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, но под услов следните месеци двете земји да ги завршат клучните реформи, а во меѓувреме да се реформира преговарачката методологија.
-Доколку направиме реформи во следните неколку месеци, подготвен сум да се отворат преговори. Доколку и тие направат дополнителни напори кои им преостануваат. Но потоа не сакам никој повеќе да влегува во членство додека не ја реформираме ЕУ. Мислам дека тоа е предуслов, неопходен и искрен, нагласува Макрон во интервјуто за „Економист“, кое е направено на 21 октомври, а е објавено денеска.
Во него тој меѓу другото вели дека зелено светло за почеток на преговори на самитот во Брисел имало само за Северна Македонија. Францускиот претседател нагласи дека други земји-членки се криеле зад француското вето, а всушност биле против отпочнување преговори со Албанија. Одвојувањето на двете земји, според Макрон ќе било голема грешка. Тој додава дека речиси половина од членките биле против почеток на преговори со Тирана.
-Не мислам, знам дека е така. Прашајте ги утре дали сакаат преговори со Албанија. Половината ќе ви кажат не. Сакаат да отворат со Северна Македонија, тоа е мала земја, го сменија името и тоа е навистина историско постигнување. Таа не ги плаши луѓето. Но реалноста е дека доколку не отворите и со Албанија создавате ужасна траума во регионот. Албанските јазични заедници се насекаде. Доколку ја понижите Албанија, ќе направите трајна дестабилизација на регионот, вели Макрон во интервјуто за „Економист“.
Нагласува дека мора да се спроведе реформа на процедурите за преговарање, сегашните ги оценува како нестратешки и премногу бирократски и додава дека прашањето за реверзибилност на процесот мора да се земе предвид.
Во регионален контекст освен за двете земји, додава тој, загриженост треба да има и за Босна и Херцеговина, која ја нарече временската бомба која отчукува на границата со Хрватска и која се соочува со џихадисти повратници.
Во однос на натамошното проширување познат е неговиот став, прво реформи во Унијата, па потоа натамошно ширење и ова, како што вели во интервјуто им го предочил на другите земји-членки.
-Не знаеме како да функционираме со 27 членки. Мислите дека ќе функционираме подобро со 30 или 32? А тие ми велат ако ги отвориме сега, тоа ќе трае 10 до 15 години. Така да, дури и да ги отвориме преговорите сега, нема да успееме да ја реформираме Унијата доколку продолжиме да работиме со иста брзина, додаде Макрон.
Тој потенцира дека се залага за идејата за кохерентна, поинтегрирана и силна Европа.
Во врска со тезите дека неотварањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе ги зголеми другите влијанија во регионот, како руското, кинеското, турското, Макрон нагласува дека тие влијанија постојат и се развиваат и во земји кои преговараат, но и во држави-членки.