Медицински брат избркан од своите цимери во Брисел поради коронавирусот

Белгиските медиуми јавуваат дека 24-годишен медицински брат во Брисел се нашол на улица преку ноќ откако неговите цимери ја смениле бравата додека бил на работа, од страв да не ги зарази со коронавирусот, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Случаите на стигматизација и дискриминација кон медицинскиот персонал се сѐ почести во земјите каде има голем број заболени од коронавирусот.

Последниот случај за кој јавуваат медиумите е медицински брат на 24-годишна возраст од Брисел, кој работи на интензивна нега во една од бриселските болници.

-Живеам тука веќе три години, во понеделникот наутро бев веќе на работа и во осум часот ми се јавува еден од цимерите за да ми каже дека не сакаат да се вратам во куќата, изјави за јавниот сервис младиот медицински работник, чиј идентитет не се открива.

Медицинскиот брат живеел со неколку цимери во голема куќа во белгиската престолнина. Како вработен на интензивна нега, тој е во постојан контакт со заразени лица, но има целосна заштитна опрема и не е инфициран.

Тој објаснува дека обично цимерите одржуваат состанок секоја недела навечер за да разговараат за проблемите, но овој пат никој не го покренал прашањето на редовната средба, Утредента, додека тој бил на работното место, цимерите ја смениле бравата од куќата, ги оставиле неговите работи пред вратата, и му рекле да не се враќа.

-Среќа имам колега кој прифати да преспијам кај него, инаку ќе останев на улица, Најдраматично е што утредента друг колега ни се придружи, и него исто така го избркале цимерите, објаснува медицинскиот брат.

Ваквите случаи се зголемуваат секој ден во Белгија, но и во Франција, а лицата немаат никаква правна алатка за да се спротивстават. Како цимери, тие не ги потпишале договорите за резиденција во нивните куќи или станови, и му го исплаќале својот дел од киријата на потпишаниот, како што е често случај. Младиот работник се обратил и во полиција, каде му рекле дека не се надлежни.

-Треба властите да ни обезбедат кров, вели медицинскиот брат.

Центарот за заштита од дискриминација, УНИА, во соопштение потсети дека дискриминацијата против здравствените работници е казнива со закон, бидејќи станува збор за дискриминација врз основа на здравствената состојба, без разлика дали лицето е заразено или не.

Во меѓувреме, секоја вечер во осум часот, ширум земјата, луѓето од своите прозори и тераси ракоплескаат во знак на благодарност за здравствените работници.