Неколкумина обвинители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) изминатите десетитина дена биле на обука во американската амбасада во Скопје, дознава ТВ Нова, но изостануваат информациите која е целта и за што се обучувале специјалните обвинители.
ТВ Нова побара детали од СЈО, но досега нема одговор од ова обвинителство која е целта на обуката и која е причината за поминувањето на работното време во амбасадата на САД?
Деновиве ВМРО-ДПМНЕ повторно излезе со обвинување кон СЈО за нивно политичко, а не правно делување. Во последните неколку настапи ВМРО-ДПМНЕ ја обвини шефицата на СЈО, Катица Јанева за обид да се вмеша и да влијае во полза на СДСМ и на претстојните локални избори на 1-ти октомври.
Мандатот на СЈО од 18 месеци за покренување обвиненија истече на крајот на јуни. Според законот, за сите предмети кои ги водеше ова обвинителство, а не отвори обвиненија, должно е да изготви решение за прекин на постапката.
Формирањето на СЈО беше дел од Договорот од Пржино и беше одобрено од сите четири политички партии, под покровителство и на Соединетите Американски Држави, кои многупати досега истакнаа дека целосно го поддржуваат Кабинетот на Специјалната обвинителка и нејзината улога во истражувањето и гонењето на криминалните дејствија кои произлегуваат од содржините од нелегално прислушуваните разговори.
Минатата година беше поднесена и иницијативата за оценување на уставноста на СЈО во судот , но досега не се најде на дневен ред на седниците на Уставниот суд.