Мексико: По земјотресот со магнитуда 7,7 една жртва и милиони без струја

Најмалку едно лице е жртва а милиони останале без снабдување со електрична енергија во земјотресот со магнитуда од 7,7 според Рихтер, кој во понеделникот ја погоди западната мексиканска сојузна држава Мичоакан, соопштија локалните власти.

Моќниот земјотрес се случи на денот кога Мексико го одбележува споменот на илјадниците жртви од двата разорни земјотреси во 1985 и 2017 година.

„Земјотресот со магнитуда од 7,7 е регистриран на 63 километри јужно од Коалкоман во државата Мичоака, Жариштето на подземниот удар беше на длабочина од 15 километри“, се наведува во објавата на интернет страницата на мексиканската Национална сеизмолошка служба кој изнесе обновен податоци.

Според ажурираните податоци, во моментов е познат само еден смртен случај, и тоа во сојузната држава Колима и едно повредено лице, како последица од уривања предизвикани од подземниот удар. Жртвата настрадала при уривање на ѕид во трговски центар во градот Манзанило. Информациите за вкупните материјални штети, сѐ уште се собираат.

Земјотресот бил силно почувствуван во голем број региони во јужните, западните и централните делови на земјата, како сојузните држави Гереро, Мичоакан, Оахака и Халиско.

Мексиканската Федерална агенција за електрична енергија на Twitter објави дека поради земјотресот најмалку 1,2 милиони корисници во пет региони на земјата останале без снабдување со струја.

„Земјотресот погоди 1,2 милиони корисници во пет региони. Снабдувањето е обновено за 68 отсто, остануваат погодени 8 отсто од 14,6 милиони корисници во овие сојузни држави“, се наведува во објавата.

Според податоците, најмногу се погодени корисниците во главниот град на земјата и сојузната држава Сиудад де Мехико, или 900.000 потрошувачи. Уште 145.000 во државата Колима, 72.000 во Халиско, а во Мичоакан во која е регистриран епицентарот на потресот биле исклучени 106.000 корисници.

Земјотресот го погоди Мексико на помалку од еден час од почетокот на масовните вежби за одговор на потреси. Во Сиудад де Мехико вторпат во денот се вклучил системот за тревога, по што десетици илјади луѓе ги напуштиле станбените и административните згради. Ситуацијата во мегалополисот во наредните часови била мирна, сите линии на подземната железница вратени во нормален режим на работа. Материјалните штети се незначителни и нема настрадани луѓе, соопштија тамошните власти.

На 19-ти септември 1985 година Мексико ја доживеа една од најразорните природни катастрофи во својата понова историја. Земјотресот со магнитуда 8,1 степени по Рихтер делумно или целосно оштети повеќе од 50.000 згради само во престолнината. Вкупниот број на жртвите, според процените на различни извори, се движел меѓу 10.000 и 40.000 луѓе.

Точно по 32 година, на 19-ти септември 2017 година, земјотресот со магнитуда 7,1 во централните делови на земјата однесе 369 човечки животи, а во главниот град Сиудад де Мехико беа пријавени 228 загинати. Потресот оштети десетици илјади згради, а последиците погодија милиони луѓе во целата земја.

Мексико се наоѓа на спојувањето на три тектонски плочи а низ земјата минуват вкупно пет тектонски плочи и е едно од најтрусните подрачја на планетата. Главниот град е особено чувствителен на тектонските движење, бидејќи се наоѓа на дно на древно езеро.