Мелони го обвини Париз дека го загрозува единството на ЕУ околу Украина

Италијанскaта премиерка Џорџија Мелони во петокот ја обвини Франција дека го загрозува единството на Европската унија по прашањето за Украина поради одржаната француско-германската вечера со украинскиот претседател Володомир Зеленски во Париз, на којашто не беа поканети другите европски сојузници.

Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски се состанаа во средата навечер пред самитот на ЕУ.

Националистичката италијанска лидерка рече дека вечерата во Париз била „несоодветна“ и ги удвои нејзините критики во петокот, кога рече дека е од клучно значење 27-члениот блок да покаже обединето лице во однос на украинската криза.

„Она што беше исправно беше фотографијата на Зеленски со 27-мината (челници на ЕУ). Средбата во Париз како увертира за тоа единство беше политичка грешка“, рече Мелони на крајот од самитот, сугерирајќи дека иницијативата на Макрон може да ја поткопа поддршката за Киев.

„Никому од нас не е лесно да се справи со прашањето за Украина имајќи го предвид јавното мнение. Тоа што го правиме, го правиме затоа што е исправно, но можеби не е најлесната работа во однос на консензусот“, додаде Мелони.

Истражувањата на јавното мислење во Италија постојано покажуваат само млака поддршка за Украина. Неодамнешното истражување на IPSOS покажа дека само 30 отсто од Италијанците поддржуваат испраќање оружје или системи за противвоздушна одбрана во Киев, во споредба со 63 отсто во Велика Британија, 52 отсто во Франција и сепак малцинството од 48 отсто во Германија.

Претходникот на Мелони и поранешен шеф на Европската централна банка (ECB), Марио Драги, тесно соработуваше со Макрон и Шолц за да го формулира одговорот на ЕУ на руската инвазија. Тројцата отпатуваа заедно во Киев минатиот јуни за да се сретнат со украинскиот претседател.

Но блиските односи значително се заладија минатиот октомври откако Мелони, евроскептична крајна десничарка која потекнува од партија заснована на остатоците од неонацистичките движења, ја презеде власта. Таа ги предупреди Франција и Германија, двете најголеми економии во еврозоната, да не се обидуваат да ја наметнуваат својата политика на остатокот од блокот.

„Се мамат оние кои мислат дека има прва и втора лига во ЕУ, оние кои мислат дека Европа треба да биде клуб во кој има оние кои повеќе и они кои помалку вредат“, рече таа.

Иако претставува голема промена во однос на искусниот Драги, Мелони, сепак, цврсто се држеше до својата проукраинска политика, и покрај скептицизмот на некои коалициски партнери во владата Матео Салвини и Силвио Берлускони кои одржуваа блиско односи со рускиот претседател Владимир Путин. Во петокот таа повтори дека е од клучно значење да продолжи поддршката на Киев.

„Оние кои велат дека на Украина не ѝ е потребна помош, работат против суверенитетот и слободата на нацијата“, рече Мелони, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да го поддржува Киев.

Мелони изрази жалење што Зеленски нема да се обрати на италијанскиот музички фестивал Сан Ремо преку видео врска, по критиките од итлаијанските граѓани, уметници и италијански политичари дека би било несоодветно да се меша забавен настан со толку сериозна тема како што е војната во Украина.

Организаторите неговото учество го сведоа на порака која во сабота ќе ја прочита првиот човек на фестивалот.

„Јасно повеќе би сакала тој да беше таму“, им рече Мелони на новинарите по дводневниот самит на ЕУ.

Додаде дека „и покрај тоа, важно е“ Зеленски да ја пренесе својата порака. Таа ја опиша контроверзноста како „навистина многу ситно прашање во однос на меѓународната политика“.