Меморијален марш ќе се организира в сабота, на двегодишната од трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци. Маршрутата годинава ќе биде 24 километри и учесниците ќе се движат по автопатот Тетово – Гостивар.
Спортскиот планианр Замир Мустафаи и еден од иницијаторите на меморијалниот марш напомена дека пандемијата ги диктира условите и од тие причини има и измени на планираните активности.
– Ланската маршрута од Ласкарци до Гостивар од околу 50 километри, годинава ја скративме, но без да губи од симболиката. Маршот треба да започне кај наплатна рампа Тетово и да заврши на градскиот плоштад во Гостивар со симболична церемонија. Посебно внимание ќе посветиме на безбедноста, како во однос на движењето во сообраќајот, така и во смисла на заштита од ковид-19, строго почитувајќи ги протоколите за јавни настани на отворен простор, рече Мустафаи.
Тој во име на организаторите ја пренесе пораката до надлежните институции да ги преземат сите неопходни мерки за поголема безбедност во сообраќајот на патиштата и да не се повторат вакви трагедии.
Граѓаните и членовите на неколку спортски клубови со маршот сакаат да го одбележат трагичниот ден и да се солидаризираат со семејствата на жртвите и да помогнат во надминување на болката од загубата.
Логистички настанот ќе го поддржи Општина Гостивар во соработка со полицијата и со други институции.
На 13 февруари 2019 година околу 17 часот, автобус на компанијата „Дурмо Турс“ кој превезувал патници од Скопје кон Гостивар, кај селото Ласакраци излета од коловозот. Во несреќата животите ги загубија 16 патници, а триесетина задобија повреди. Судењето за овој случај уште трае.