На 67-годишна возраст почина пејачот Аки Рахимовски. Неговиот менаџер Данур Осредецки ја потврди лошата вест.
– Утрово му се слошило, заврши во болницата во Ново Место. Пред еден час ми рекоа дека починал, се уште не ја знаеме причината за смртта – изјави Осредечки за словенечки 24 часа.
Во текот на 2018 година, Аки доживеал мозочен удар, а по неколку месеци зборувал за тоа како ја победил болеста.
– Сега се е во ред, се гледа по мене (се смее), ги сменив животните навики, искрено тешко, но се ќе биде навистина во ред – изјавил тогаш Аки за Блиц.
Александар Аки Рахимовски е роден на 5 јуни 1955 година во Ниш, но набрзо со семејството се преселил во Скопје. Бидејќи неговиот татко бил професор по музика, на седумгодишна возраст започнал музичко училиште, клавир и отсек за пеење.
Како тинејџер членувал во неколку бендови, од кои некои се групата Вакуум, Блад брадерс и Тор, со кои настапувал на фестивалот во Загреб во 1975 година. Истата година се запознава со гитаристот и композитор Хусеин Хасанефендиќ Хус и Јурица Паѓен. Во соработка со менаџерот Владимир Михаљек Миха ја основаа првата постава на Парни ваљак.