Меркел наследник на Бан Ки-мун?

Германската канцеларка Ангела Меркел би сакала во 2016 година да биде избрана за наследник на Бан Ки-мун на функцијата Генерален секретар на Обединетите нации, пишува луксембуршкиот дневен весник „Луксембургер ворт“ повикувајќи се на извори блиски до владата во Берлин.

Портпаролот на германската Влада Штефан Зајберт веќе ги демантираше ваквите наводи како неосновани.

Според луксембуршкиот весник Меркел, на почетокот на мај, во рамките на својата посета на САД, ја отворила темата дека би можела да биде нов Генерален секретар на ОН и наследник на Бан Ки-мун, пренесува германскиот весник „Билд“.

Меркел би сакала летото 2016 година да биде избрана за наследничка на Бан и од 1 јануари 2017 година да стане нов Генерален секретар на ОН, наведува весникот.

Германските медиуми коментираат дека шансите на канцеларката не се лоши, бидејќи по еден Јужноамериканец, двајца Африканци и еден Азијец, според некој непишан закон, Европа би можело да биде на ред.