Мета испрати официјално барање ОБСЕ да посредува за надминување на кризата во Албанија

По средбата во Тирана со генералниот секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Томас Гремингер, албанскиот претседател Илир Мета испрати официјално писмо до ОБСЕ, барајќи да ја одигра улогата на медијаторот за да се надмине длабоката повеќемесечна политичка криза.

Мета бара од Гремингер и од првиот човек на ОБСЕ Мирослав Лајчак да посредуваат во албанската политичка криза преку сеопфатен дијалог, бидејќи „оваа институција е потребна и може да спречи ескалација на кризата“.

– Во својство на претседател на Републиката, институција која го претставува единството на албанскиот народ, би сакал официјално да побарам од ОБСЕ да посредува во сеопфатен политички дијалог во Албанија, со цел да се постигне општо прифатливо решение кое ќе ја спречи ескалација на актуелната политичка, институционална и социјална криза во земјата. ОБСЕ е вистинската институција што може да и помогне на Албанија во овие критични моменти, пишува Мета.