Ракометарите на македонскиот вицешампион Металург доживеа уште едно разочарување во Лигата на шампионите пред своите гледачи, откако во саботата очигледно пресилен беше дански Силкеборг кој во Скопје славеше во дуело од Групата Ц со 33:29.
Се доби впечаток дека Данците играа онолку колку што е доволно во ниту еден момент да не биде доведена во прашање нивната нова победа и лидерското место. Уште на отворањето на мечот поведоа со 4:0, а Металург својот прв погодок го постигна дури во 7-та минута. Скопските ракометари на неколкупати успеваа да дојдат до два гола негатива, па и шанси да намалат на еден гол заостанување, но изостанаа и концентрација и реализација.
Во првиот дел најзаслужен за сигурната игра на Силкеборг, беше словенечкиот голман Аљоша Резар, кој оствари дури девет одбрани, па Данците на одмор отидоа со солидна предност од 15:12. На почетокот од второто Металург успеваше да одржува чекор и да се задржи на истато заостанување зад противникот, но по вообичаениот пад во вториот дел, гостите брзо дојдоа до седум голови разлика.
Шпенде и Рибеиро со по седум гола беа најефикасни, а Томовски имаше девет одбрани. Со овој осми пораз во девет меча, Металург сигурно ќе заврши последен во Групата Ц. Шанса за поправање на впечатокот од годинешното учество во Лигата на шампионите, Металург ќе има следната сабота, кога му гостува на Татран Прешов.