Патната мрежа кај нас е доста разгранета и изградена на едно солидно ниво, поставено уште одамна, во времето на поранешната држава. Секако дека има некои делници од патната мрежа кои треба да се доизградат, а зголемувањето на сообраќајот изразено преку параметарот ПГДС (Просечен Годишен Дневен Сообраќај), во иднина ќе упати на некои делници дека ќе биде потребно да се зголеми нивото на услуга.
Тоа го истакнува во интервју за МИА Горан Мијовски, професор на Градежниот факултет при УКИМ и претседател на Друштвото за патишта, во чија организација утре и задутре во Скопје ќе се одржи Првиот конгрес за патишта во државава со учество на претставници од 15 држави.
Погрешно е, истакнува, ако за тоа се носи одлука врз основа на само едно мислење, без оглед дали тоа е мислење на еден професор, инженер или министер. – Таквите големи одлуки треба да се базирани врз основа на сериозни научно – стручни анализи, бидејќи изградбата на големи инфраструктурни проекти бараат од државата големи вложувања, најчесто со средства од кредити, кои пари потоа ги враќаат граѓаните, а политичарите доаѓаат и си заминуваат, укажува Мијовски.
Како што укажува, реализацијата на сите започнати објекти, зависи од повеќе чинители, кои честопати делуваат не само поединечно, туку и заеднички во синергија. Неодамна со изработка на еден магистерски труд токму за оваа проблематика, како главни чинители за пролонгирање на роковите беа наведени климатските услови, непредвидени работи, грешки во проектната документација, слаба организација, измени во закони и прописи, ненавремена набавка на материјали, нерешени експропријации и др, вели Милевски.
Во организација на Друштвото за патишта во соработка со повеќе институции утре и задутре во Скопје ќе се одржи Првиот конгрес за патишта во државава. Кој е поводот за настанот и какво е неговото значење?
Друштвото за патишта на Република Македонија „Via Vita“ како една од најстарите стручни организации во државава, конечно по консолидирањето на организацискиот план и претходно подготвени две меѓународни конференции, создаде можности за организација на Првиот македонски конгрес за патишта. Моментот зошто баш сега е токму поради големите јубилеи: 50 години од основање на Друштвото за патишта што го одбележавме пред една година, 70 години од основање на Градежниот факултет – Скопје и 70 години од основање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Овој голем ангажман немаше да се реализира без огромната поддршка од нашите коорганизатори: ЈП за државни патишта, Градежниот факултет од Скопје, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Комората на овластени инженери, ЈП „Македонијапат“ – Скопје, РСБСП и Инженерската институција на Македонија. Истотака, генерален покровител на настанот е премиерот Зоран Заев.
Во најавата на конгресот ги споменувате тековните инвестиции во патната инфраструктура, а на дневен ред се теми за проектирање, изградба и одржување на патишта, безбедност на сообраќај, нови технологии во сообраќајот… Што е клучно за успешна реализација за почнатите и ветените проекти?
Во нашата земја како и во регионот, во тек се значајни инвестиции во областа на патната инфраструктура. Големината на инвестицискиот циклус во патната инфраструктура кој се одвива во РС Македонија е во висина од преку милијарда евра, изразена преку изградба на два автопата, неколку експресни патишта и повеќе регионални патишта. Од тука станува јасно дека изградбата на овие патишта, како и управувањето и одржувањето со нив, а секако и на постојната патна мрежа, претставува исклучително комплексна инженерско – економска задача.
Оваа исклучително одговорна задача поставена пред сегашната генерација на градежни инженери по патишта бара квалитетно планирање, проектирање и градење, базирано на најнови научно – стручни сознанија, користење на современи материјали и технологии, како и соодветна контрола.
Едноставно овие барања, ги наметнуваат и дефинираат темите на првиот македонски конгрес за патишта, а тие се: Планирање и проектирање, Управување, изградба, и одржување, Безбедност на сообраќајот на патиштата, Заштита на животната средина и одржлив развој, Инфраструктурни објекти, Транспортна политика и финансирање, ITS и нови технологии во сообраќајот, Слободни и сродни теми од областа на патишта и презентација на нови проекти.
Реализацијата на сите започнати објекти, зависи од повеќе чинители, кои честопати делуваат не само поединечно, туку и заеднички во синергија. Неодамна со изработка на еден магистерски труд токму за оваа проблематика, како главни чинители за пролонгирање на роковите беа наведени климатските услови, непредвидени работи, грешки во проектната документација, слаба организација, измени во закони и прописи, ненавремена набавка на материјали, нерешени експропријации и др.
Како ја оценувате поставеноста и квалитетот на патната мрежа во државава и каде сметате дека недостасува автопатско или друг вид поврзување?
Патната мрежа во Македонија е доста разгранета и изградена на едно солидно ниво, поставено уште одамна, во времето на поранешната држава. Секако дека има некои делници од патната мрежа кои треба да се доизградат, а зголемувањето на сообраќајот изразено преку параметарот ПГДС (Просечен Годишен Дневен Сообраќај), во иднина ќе упати на некои делници дека ќе биде потребно да се зголеми нивото на услуга. Но сепак, погрешно е ако за тоа биде донесена одлука на само едно мислење, без оглед дали тоа е мислење на еден професор, инженер или министер, туку таквите големи одлуки треба да се базирани врз основа на сериозни научно – стручни анализи, бидејќи изградбата на големи инфраструктурни проекти бараат од државата големи вложувања, најчесто со средства од кредити, кои пари потоа ги враќаат граѓаните, а политичарите доаѓаат и си заминуваат.
Сведоци сме на изјави дека, на пример, по 40 години конечно се обновува пат на одредено место или се гради нов, но и на повеќегодишни изградби на автопати спротивно на праксата во други држави, раскинување на договори со изведувачи… Што недостига за поголема ефикасност и подобри состојби на терен?
Во Македонија до пред седум-осум години се применуваше ретроградната стратегија за управување и одржување на патната мрежа „Do nothing“ стратегија од почетокот на ’60 години од минатиот век применувана во САД. Оваа стратегија предвидувала изградба на патот и потоа негова експлоатација до моментот на пропаѓање, без притоа дополнително да се инвестира во неговото одржување во фазата на експлоатација. За среќа, со прифаќање на новите научни сознанија, работите и кај нас се менуваат, се менува свеста дека патната инфраструктура е еден од главните чинители за развој на една економија и општество.
Од тука можеме да констатираме дека развојот на една земја е во корелација со развиеноста и квалитетот на нејзината патна мрежа. Во прилог на ова е познатиот факт дека сите инвеститори како важен предуслов за нивните инвестиции ја посочуваат патната инфраструктура, како круцијална алка во поврзувањето на суровините, производството и пазарот.
За останатиот дел од прашањето, верувам дека посоодветен одговор може да добиете од некој од одговорните во патната администрација.
Се слуша ли доволно гласот на научната фела за инфраструктурните проекти, како може таа да помогне, но и што треба да направи државата за поголема поддршка на науката во оваа област?
Како што Ви одговорив во дел од претходното прашање, работите се менуваат, но тие промени мора да бидат со поголема брзина. Градежниот факултет кој неодамна прослави редок јубилеј 70 години од основање, а кој воедно е еден од факултетите кои го основале Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, како врвна научно – образовна институција е консултант на ЈП за државни патишта и има своја задача која успешно ја реализира.
Недостасува уште еден дел кој државните институции треба да го реализираат во најскоро време, а тоа е да извршат обнова на лабораториите на Градежниот факултет, при што имајќи ги на ум големите инвестиции во областа на патиштата, првенствено во нова современа лабораторија за асфалти, со што ќе се подобри квалитетот на изведба, а истовремено ќе се овозможи осовременување на високообразовниот процес.
Во оваа прилика, мора да се осврнам и на положбата на градежните инженери по патишта. Би сакал да истакнам дека потребно е да се преземат конкретни активности со измени во Законот за градење или во работењето на Комората на овластени инженери и овластени архитекти, со регулирање на овластувањата како што велиме ние, – по насоки, односно според она за што се кој инженер се обучил во текот на своето образование. За да може пошироката јавност да разбере за што станува збор, пресликано во областа на медицината, тоа е исто кога ве боли заб наместо на стоматолог, Вие да отидете на кардиолог, или обратно. Нашето барање е да има овластувања според специјалности, бидејќи актуелната ситуација вели дека секој инженер може да биде и за патишта и за високоградба и за хидроградба. Ваквото хаотично решение, продуцира проблеми и во високото образование.