Мицкоски: Јавноста мора да знае каков е тој план на активности со Бугарија

Македонската јавност заслужува да знае каков е тој план на активности со Бугарија, бидејќи од почетокот велиме дека нов документ, договор, анекс, или како и да го нарекуваат, е на маса и е на барање на нашиот источен сосед, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Македонската јавност треба да го знае текстот на овој план, бидејќи, според нашите информации, покрај идентитетските прашања, кои ја опфаќаат македонската традиција, јазик, обичаи, историја, македонски дејци и револуционери, има многу и бизнис-работи коишто се дел од тој договор или план на активности којшто е на маса. Кога двоецот Бучковски-Заев преговара, се спрема нова катастрофа, економско цунмами и национална катастрофа“, рече Мицкоски.

Тој порача дека јавноста треба да биде будна за, како што вели, власта да не го распродаде и тоа што остана.

Инаку, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска рече дека e при крај дефинирањето на акцискиот план со Бугарија, а во дијалогот, како што рече, емоциите ќе се заменат со рационален пристап. Тој вели дека акцискиот план е насочен кон соработка на линиските министерства кои ќе го подобруваат животот на луѓето од двете страни на границата.

Премиерот Зоран Заев, пак, вчера појасни дека акцискиот план е дефиниран на секторско ниво, посебна е работата на историско-образовната комисија, а посебни се политичките прашања за кои се разговара со источниот сосед. Акцискиот, односно секторскиот план, треба да биде утврден на меѓувладината конференција предводена од Османи и Захариева. Штом ќе биде утврден, како што нагласи Заев, ќе дојде како записник до владите на двете земји за да го усвојат и веднаш ќе се стартува со негова операционализација.