Мицкоски до Груевски: Нема договори под маса, ова не е 2018!

Жалам што се одлучи на чекорот да правиш јавна пародија и да служиш за дефокус од криминалот на оваа криминална власт и те разбирам, но не можам да те оправдам. Нема потреба од дијалог преку медиуми, но бидејќи ми се обрати со статус само еднаш ќе ти одговорам на ист начин, му пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот претходник Никола Грувески.

„Никола, немам намера со јавни преписки да бидам дел од сценариото за создавање раздор во корист на оваа власт. Еден ден кога ќе се видиме, очи во очи ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш. Нема да дозволам да се заборави што прави оваа криминална власт за да остане сѐ подолго креирајќи атмосфера каде се губи надежта на граѓаните за правда и за правдина. Ако ти сакаш раздор тоа е твоја одлука на која јас сум подготвен да се спротивставам, бидејќи не станува збор за лична битка, туку битка за Македонија која сѐ повеќе тоне во криминал, каде се оди против волјата на граѓаните. А нас политичарите народот нѐ бира и ние одговараме пред народот за нашите постапки. За Македонија не смее да има пазар и договори под маса. Нема да дозволам лични договори и аранжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018, ова е друго време.

Како велеше, ‘вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе’, а вистината ја знаеме и јас и ти…, но изгледа ја знаат и други кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно“, напиша Мицкоски откако вчера Груевски побара од него одговор за тоа дека имал тајна комуникација со владата со цел уставни измени.

„Во врска со изјавата на Христијан Мицкоски за германскиот медиум ФАЦ, а поврзано со мене, го повикувам јавно да одговори на следните две прашања: Прво, дали е точно дека тоа го кажал во изјавата за германскиот медиум. И второ, доколку е точно, дали може лично тој јавно да каже со кој мој потег, изјава, натпис или било што јас сум се обидел да ја поделам партијата и да даде доказ дека јас сум прифатил валкана игра со власта која треба да ја спроведам со помош на мои приврзаници во партијата. Се надевам дека одговорот ќе е јасен, недвосмислен, директен и личен исто како и изјавата, без префрлање на изјави на претставници на партијата, портпароли, давање брифинзи на портали или други медиуми со кои има блиска соработка“, напиша Груевски на Фејсбук.