Основачите на независната држава имаа јасна цел и затоа успева низ сите премрежја, но после бројни разочарување на тие потоа, по 30 години вистинското и главно прашање е -која е нашата цел како држава соочени со блокада кон ЕУ и минување на години каде власта не одредува цели, подвлече Мицкоски во обраќањето во Битола.
„Кое ќе биде нешто ново покажување на македонските денари во собранието како што тоа го направи Кљусев и кај сите нас предизвика особено чувство на достоинство и припадност кон државата.
Кое ќе биде нашето ново радување на првото интонирање на македонската химна, или радоста за првиот гол на ·Зоран Бошковски-Чоко на 13 октомври 1993 година кое предизвика солзи кај многумина нас зошто во Словенија ечеше на трибините Македонија, Македонија, додека родителите ги попуштаа тв приемниците на посилно…
Кое ќе биде нашето ново задоволство од тоа што за прв пат во деведесеттите добивме наша армија со амблем на македонското знаме. Наша полиција и се она што преставува белег на нашата држава..
Кое ќе биде нашата нова победа како што тоа го направи Теодора Раптис на охридскиот маратон. Ова беа тогашните цели, на таа генерација создавачи.
Но кои ќе бидат нашите цели за наредните 30 години. Не ги слушаме, не ги гледаме од овие кои се власт.
Народе мој сонувам за големи работи за нашата земја, и не е доволно човека само да сонува, туку и да работи на остварување на тој сон. Јас сум спремен за тоа.
Јас го имам правото и честа да зборувам за тие цели, затоа што ги знам, ги имаме дефинирано и затоа што на сцена доаѓа нова генерација на политичари кои го имаат правото да зборат за тие цели.
Нашата цел за наредните 30 години мора да биде да влеземе во првите 10 економии во Европа. Да не збориме за мини шенгени како стратешки цели, туку да се бориме за стандард како во една Австрија. Економијата да расте од 5 до 7 проценти годишно, а не да се радуваме на секој еден обичен плус во економијата.
Нашата нова цел мора да биде да влеземе како Македонци во Европската унија со наш идентитет, и зачувани традиции. Да бидеме на масата на рамноправните, и одвнатре да се бориме за нашите права. И не само влез во Унијата, туку и уривање на границите меѓу земјите и влез во Шенген зоната.
Нашата цел за наредните триесет години мора да биде уривање и на последните стереотипи, поделби, клевети и обвинувања. Јас ќе уривам зидови кои делат и ќе градам мостови, единствена земја. Доста е од се досега. Во оваа држава мора животот подеднакво да значи и во Липково, и во Кривогаштани. Мора да се развива и Тетово и Штип.
Мора да градиме мостови, и да се разликуваме меѓу себе по идеите и во натпреварот кој повеќе ќе направи за нашата земја.
Нашата нова цел мора да биде интегрирано здравство каде луѓе од Европа ќе доаѓаат да се лечат во земјава затоа што имаме знаење и услови за тоа, а не да умираат луѓе по болници затоа што нема ресурси за да се спасуваат животи. Мора да се намалат класните разлики преку жестока битка за стандардот.
Целта мора да биде не само едноцифрена невработеност, туку и борба за високи плати, за што повисоки примања. Ќе бидеме вистински дел од Европа само ако имаме и европски плата и приходи за нашето население. Мојата цел е да имаме европски плати тука во Македонија.
Наша цел во наредните 30 години мора да ги вратиме децата, семејствата кои се иселија и си заминаа. Нема град во светот каде нема да најдете Македонец на угледна позиција, и ако успеал таму при жестока конкуренција зошто да не успее тука. Да ги вратиме светилките во градовите и селата.
Целта во наредните 30 години мора да биде Македонија да развие индустрија која ќе биде оддржлива. Каде ќе има барем една фабрика на познат бренд на автомобили, бизнис инкубатори кои ќе генерираат бизниси, да бидеме седиште на светски компании.
Целта во наредните 30 години мора да биде не само да влеземе во мапата на 1000 најдобри универзитети во светот, туку да се бориме за првите 100 места во светот, со најдобрите.
Цела Македонија да има подеднакви шанси за успех.
Целта во наредните 30 години мора да биде наследниците на некој нов Пандев, Алиоски, Елмаз да кренат европски пехар во фудбал и да се радуваме на едно од првите три места“.