ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со зголемување на старосната граница за пензионирање, неспособноста на владата не треба да се крши на грбот на работниците, порача во саботата во видео обраќање до јавноста претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.
Зголемувањето на старосната граница за пензионирање е неприфатлива, рече Мицкоски и додаде дека станува збор за шетна мерка од која ќе загубат граѓаните, но и ќе преставува товар за приватниот бизнис.
„Иако тврдиме дека ситуацијата е пресериозна и далеку од розева, од една страна, секојдневно слушаме како Владата се фали дека економијата оди добро, од друга страна кога станува збор за пензискиот фонд тврдат дека има недостаток на пари. Вистината е дека оваа влада не умее да менаџира со парите на граѓаните. Пари има почитувани, потребни се капитални инвестиции и сериозен пристап. Постојаната старосна граница за пензионирање е во рамките на просекот на европските земји и целосно одговара на демографските карактеристики“, потенцира Мицкоски.
Потсети дека очекуваното траење на животниот век во Република Македонија е за околу пет години пониско во споредба со развиените земји и нема никаква оправданост за зголемување на старосната граница како услов за пензионирање.
„Кон ова треба да се додадат и сѐ уште релативно лошите услови за работа во повеќе сектори од македонската економија, особено кај туридоинтензивните дејности кои придонесуваат за забрзано трошење на работната сила. Секако ваквата мерка ќе значи и помали шанси за вработување на младите луѓе, и помала компетитивност на пазарот“, додаде Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше лидерот на партијата, нема да се согласи со зголемување на старосната граница за пензионирање, чекор кој е израз на неспособност да се менаџира со јавните финансии и тоа никако не треба да се прекрши на грбот на работниците.
„Оваа криминална и неспособна мора да замине. Верувајте Македонија има надеж“, порача Мицкоски.