Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната посета во Големо Коњари, во околината на Прилеп се осврна на доцнењето на првата пратка на вакцини која денес требаше да пристигне од Србија, а беше одложена.
– Брука, како може да го коментирам овој случај. Едноставно со еден збор може да кажеме дека веќе се срамам што сум дел од ова, па макар и опозиција, би рекол политичко мочуриште. Тоа е срам кој на дневна основа ни го приредуваат луѓе од Владата, и тој срам го приредуваат на цела држава, на цел народ. И тука нема политички неопределени, определени, верски, вакви и такви или и национално, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и останати. Ова е брука и голем срам кој ни се случува на сите – рече Мицкоски.
Според Мицкоски не само што сме последни или сме држава во која нема вакцини, туку и ни се потсмеваат.
– Не само што сме последни, туку почнаа веќе и мајтап со нас да си играат сите. Наместо да седнат и да ги потпишат нивните оставки, тие уште ги гледам се обидуваат да наоѓаат оправдувања преку некои ступидни соопштенија кои ги лиферуваат во јавноста и велат недостасувале документи, им недостасува памет. Тоа е она кое можам да го кажам, ако имаа малку повеќе памет и стратегија и визија тогаш немаше денес ние да бидеме последни да се срамиме со нивните постапки – кажа Мицкоски.