Мицкоски: Панична операција на Власта да обезбеди „перење“ на сите учесници во криминалот

Во ексклузивно интервју за Expres.mk лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски разговараме за последниот скандал со рекетирање, за иднината на СЈО, и за лидерската средба на која премиерот Заев повика.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски открива дека главата на криминалниот октопод е Зоран Заев. Тој изјавува дека власта залудно сака да ја индивидуализира одговорноста за криминалот на само неколку луѓе, потенцирајќи дека се работи за организирана група која вклучува луѓе од блиското опкружување на премиерот.

Мицкоски во интервјуто ја коментира изјавата на премиерот за тоа дека сите биле еднакви пред законот, додавајќи дека ако е така зошто тогаш Катица не е во притвор, а Заев не одговара за бројните скандали. Заев е подготвен да ги пушти сите низ вода, само за да се спаси себе си, но единствената кочница за тоа е што тие луѓе околу него премногу знаат за матните зделки, вели Мицкоски.

Тој во интервјуто за Expres  додава дека Заев не е во состојба да повикува некого и да наметнува темпо, а на прозивките од него дека ако има некакви докази за случајот Рекет, да ги предаде во обвинителството, Мицкоски со контра прашање: а на кого да ги предадам, на ова Русковска обвинителство кое Катица ја остава на слобода, а Заев неформално го амнестира?

Тој повторно директно го повикува Заев да одговори на редица прашања кои отвораат сомнежи за криминални дејанија на власта. Мицкоски одговара и на обвинувањата на Заев дека контрадикторно било да се зборува за владеење на правото, а да се одбива учество на лидерската.

На ова Мицкоски одговара „за мене најголема контрадикторност е главата на криминален октопод како Заев да зборува за владеење на правото, а во позадина да имаме случаи на сомнеж за милионски изнуди, политички хајки, разговори за поткуп на Вартоломеј, и да се спроведува поткуп по принципот на Мирчо Свињарникот, евро за Заев евро за Вицето. И сега ваков човек има најмалку кредибилитет да говори за правда, кога најголема егзекутор на правдата е токму тој, додавајќи дека Заев е и најголема закана за европските интеграции на земјава.

Во продолжение ви го пренесуваме интегрално интервјуто со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дадено за Expres.

На прес конференција обвинивте дека зад случајот Рекет има индиции дека стои поголема организирана група која допира до врхушката на власта, на што точно мислевте?

-Овие деновиве имаме неуспешна и панична операција на Власта да обезбеди „перење“ на сите учесници во криминалот, и намера целокупната одговорност да се локализира на двајца, до тројца личности. Но ќе им порачам дека тоа е залудно. Практично јасно е дека првообвинетиот не би имал никаква сила тоа да го прави за што се обвинува ако не се неговите блиски релации со компромитираното СЈО, но и со самата врхушка на власта. Не може да се заборави неговата блискост со лица од власта, ниту пак наклонетоста кон власта на медиумот чиј што неформален сопственик е тој. Но главата на тој криминален октопод не се овие обвинети, ниту пак самото СЈО кои се спроведувачи на директиви, туку отворениот сомнеж говори дека тоа е Зоран Заев лично, а пипците на таквиот криминален октопод се луѓето околу Зоран Заев и во дворот на неговата партија. Катица Јанева со дел од нејзините соработници се најверниот слуга на Зоран Заев, практично на телевизијата на сега првообвинетиот самиот Заев кажа дека Јанева и СЈО биле искрата надеж во правосудството, но видовме каква е таа искра на Заев, криминална, насилничка, неправедна, убиствена за правосудството.

Премиерот Заев рече дека сите се еднакви пред законот и дека случајот со криминалниот октопод како што вие го нарекувате не ги загрозува другите случаи со СЈО, кој е вашиот став?

-Некои се еднакви пред законот, но само луѓето на Заев и самиот Заев мислат дека се над законот, а тоа го видовме пред два дена, каде наместо Јанева да ја притворат, мошне љубезно таа епизода заврши со само одземен телефон. Како ќе не убеди Зоран Заев дека сите се еднакви пред законот кога прво тој не е еднаков пред законот. Ве убедувам дека нема човек, нема поединец во оваа земја на кого не му е јасна спрегата меѓу компромитараното СЈО и криминалците од власта, без оглед на тоа што власта од петни жили се труди да го стави под тепих овој криминален октопод, или да ја индивидуализира одговорноста кај две до три личности, или пак тоа што еден министер на Заев со броени денови во Владата врти и се заканува по медиуми кои пренесуваат информации за овој скандал. Па ние видовме како премиерот за 5 секунди се впушта во разговори за поткуп на Вартоломеј, или она видео каде бара мито, што мислите дека сега случај со 5 милиони евра поткуп нема да помине низ рацете на таква криминогена власт? Се знае дека се работи за разработена шема. Како е Јанева еднаква пред законот кога таа со вакви скандали зад себе и денес е шеф на СЈО, а само ќе ве потсетам на она прозаична наводна оставка која наводно беше поради тоа што несакала да штети на процесот на реформи, а се гледа дека е до гуша во скандали и која е гаранцијата дека утре нема да влијае на сведоците или да продолжи со политички прогон. Ако СЈО кое требаше да биде извор на правдата, генерира неправда и криминал, тогаш која е гаранцијата дека со вакви методи не се компромитирани и другите предмети за кои постои отворен сомнеж дека преставуваат политички прогон. Зарем треба да му веруваме на зборот на премиерот кој досега стотици, илјаданици пати ја излажа јавноста за се и сешто. Ова компромитирано СЈО е завршена приказна, и знам дека има многумина разочарани кои полагаа надежи, но факт е дека рибата мириса од главата, а со Заев и криминалците од октоподот нема правда. Нема правда, нема ниту мир кој го ветуваа. Таа приказна заврши како уште една срамна измама на политичките елити, која ќе се памети. Затоа јас сум за поставување на систем, за суштински промени кои ќе донесат правда. И не се се сите исти. Јас сум за нова политика која ќе донесе обнова на земјата.

Мислите ли дека Заев ја пушта Катица “низ вода”?

-Заев е подготвен сите да ги пушти низ вода, само за да се спаси себе си. И тие мистериозни Кики и Фрики кои се функционери од неговиот двор, па дури и самата Катица. Ова треба да го знаат и тие луѓе од неговото опкружување кои се ставени во позиција да ги одоброволуваат неговите политики и насоки, а кои се погласно коментираат дека целата таа работа страховито им бега од контрола и се урива како кула од карти. И нив ги опоменувам да внимават што прават да не се дозаглавуваат без оглед на тоа што имаат сега можеби добри примања и бенефиции, едноставно не вреди. Единствената кочница во целиот процес е што и тие негови соработници во криминалот знаат премногу, и тоа е она што на првиот човек на откоподот му овозможува нелагодност. Но за мене ова не е изненадување, секој изминат ден е ново пробиено дно со оваа власт. Ви велев дека СЈО е политичка алатка, тоа се докажува и сега.

Заев изјави дека стоел зад Катица Јанева како личност, а ОЈО го повика да ги истражи сомнежите?

-Мислам дека за прв пат имаме изјава каде премиерот е искрен. Мислам дека Заев стои позади Катица, а гледаме дека и Катица стои позади Заев, прашањето е до кога? Одговорот е се додека сето ова не се распадне како меур сапуница, и додека не дојде правдата.

Заев вели дека не знае кои се Кики и Фрики, ќе му помогнете ли да ги ознае?

-Мислам дека не ја говори вистината и многу добро ги знае, зошто тие се витален дел од криминалниот октопод. Од друга страна сиптмоматично е како незнае кој се Кики и Фрики ама под чудни околности па знае кој бил уценуван. Мислам дека на ваквите лаги веќе не поминуваат.

Премиерот Ве повика дека ако имате некакви докази да ги предадете во обвинителството, кој е вашиот одговор?

-Зоран Заев не е во ситуација никого и за ништо да повикува. Зоран Заев не е во состојба ниту да поставува услови, ниту пак да диктира темпо, тоа е човек кој сега единствено си го планира времето по поразот и како тој пораз помалку да му наштети, ако тоа е воопшто можно. Што се однесува до докази, информации или некои тврдења кои ги изнесов, па на кого да ги предадам, на ова Русковска обвинителство кое Катица не ја става во притвор, а Заев неформално го амнестира? Ви се молам да говориме за посериозни работи. Еве во оваа прилика ако Зоран Заев и луѓето од власта се подготвени јасно и прецизно ги повикувам да одговорат:
Дали е вистина дека лично обвинителката Јанева ја има во разговорите со првообвинетиот кои се предмет на истрага?
Дали самата Катица Јанева се фалела дека и другите обвинители од СЈО се под нејзина целосна контрола?
Дали е точно дека силата на Катица Јанева доаѓа токму од премиерот кој во една прилика охрабрувајќи и вели “Не се секирај се ќе биде во ред”
Дали е точно дека при средба во домот на првообвинетиот заедно чест гостин е висок функционер од редот на СДСМ, во друштво со специјалниот јавен обвинител Катица Јанева и во тој дом се договараат обвиненија и понатамошни постапувања по тие обвиненија?
Дали е точно дека политичка заштита на пипците на овој октопод се високи функционери од врхушката на власт, од редот на СДСМ, во јавноста познати како севдонимот Фрики и Кики, а се со цел да обезбедат дополнителни финансиски и други бенефити за себе и за останатите кои што се денеска во притвор?
И на крај, дали е вистина и дека други лица, на начин како што сега се обвинети овие двајца, си завршиле работа со обвинители од СЈО и врхушката од власт за непокренување на обвинение?
На овие прашања очекувам одговори, а не замајување на јавноста.

Заев за МИА изјави дека е контрадиктирно да се зборува за владеење на правото, а да се одбива учество на лидерската, кој е вашиот став на ова тврдење?

-За мене најголема контрадикторност е главата на криминален октопод како Заев да зборува за владеење на правото, а во позадина да имаме случаи на сомнеж за милионски изнуди, политички хајки, разговори за поткуп на Вартоломеј, и да се спроведува поткуп по принципот на Мирчо Свињарникот, евро за Заев евро за Вицието. И сега ваков човек има најмалку кредибилитет да говори за правда, кога најголема егзекутор на правдата е токму тој.
Токму затоа немаме датум за преговори, затоа што ваков човек не е способен ниту да спроведе фер попис, ниту пак да обезбеди квалитетни реформи на обвинителството. Зарем може некој да очекува дека оваа власт има кредибилитет да спроведе реформи. Зоран Заев е најголема закана за европската перспектива на земјата и навистина не ја гледам потребата да бидам дел од неговиот декор на лидерски средби во услови кога тој не е пдоготвен да збори за предвремени парламентарни избори, и кога веќе имаме работни групи за попис и за реформи во обвинителството кои и така одржуваат контакти и средби. Останува фактот дека поради неговата тесноградост не беше визионер и не ја прифати подадената рака од опзоицијата за помош за датумот за преговори.

Заев вели дека нема да ви исполнува желби за предвремени избори, што очекувате?

-Заев велеше многу работи па потоа ретерира. Прво не се работи само за моја лична желба, туку за единственото решение за целата оваа ситуација и одглавување на изгубената држава. Второ ова е егова изјава со која става до знаење дека знае дека ќе ги загуби изборите и затоа не сака да разговара.

Заев објави втор дел од метлата, и смена на повеќе директорски места, како ја оценувате оваа операција?
-Ја оценувам како чисто фијаско, козметика и шминка, но и обид да се зацврсти позицијата на Заев остранувајќи ги непослушите. Вториот дел од таканаречената метла беше и за дефокусирање на внимаието од криминалниот октопод. Ова изгледа е некоја чудна метла, единствена во Светот, бидејќи не ја врши намената за која има функција. Имено и денес и утре граѓаните ќе продолжат да бидат незадоволни од истите функционери кои продолжуваат да ги вршат функциите во здравството, економијата, образованието, финансиите. Тогаш чуму оваа операција, која е без резултати.

По секој скандал на Власта има некоја пресметка со опозицијата, очекувате ли ова да престане?

Ќе ви кажам што не очекувам од оваа власт, не очекувам да се вразуми, да почне да работи, и Заев да стане чесен. Се друго е за очекување, но со секој чекор ќе продолжат да тонат зошто тоа е незапирлив процес.