Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски денес остварија средба со новоназначениот словенечки амбасадор Милан Предан на која разговараа за актуелната политичка, економска и здравствена состојба во Република Македонија, информира партијата.
Мицкоски му честититал на Предан на преземањето на новата фунција, која, како што речкол, уште повеќе ќе ги зацврсти пријателските односи меѓу Словенија и Македонија.
На средбата било изразено задоволството од одличните билатерални односи и успешната соработка меѓу двете пријателски земји, а разменети биле и мислења за актуелните случувања и состојби во регионот.
– Мицкоски укажа и на политичката состојба во која се наоѓа државата каде потенцираше дека криминалот, корупцијата се многу застапени и дека има селективно владеење на правото. Исто така тој кажа дека власта дели тендери на лица кои се блиски до власта и за тоа никој не одговара. Во текот на средбата претседателот Мицкоски истакна дека власта не знае да се справи со ковид-19 и поради нивната неспособност бројoт на заразени и починати е на многу високо ниво. Тој посочи дека во врска со пандемијата не се презема ништо и како на здравствен така и на економски план – велат од партијата.
При средбата претседателот Мицкоски посочил дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија има јасни и конкретни политики кои ќе ја изнесат Република Македонија на прав пат, како и ќе имаат влијание на членството во Европската унија.
Мицкоски упати благодарност за континуирана поддршка што Словенија ја дава на Македонија во процесот на евроатланска интеграција, напоменувајќи дека како земја – пријател, Македонија смета на континуитет во поддршката од страна на Словенија и во однос на нашите ЕУ аспирации.