Мицкоски: Работата е пресериозна, сите имаат одговорност кон државата!

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес конференција емитуваше стара изјава во која премиерот Зоран Заев уверува дека никогаш не би прифатил промена на уставното име.

„Додека го дишам овој македонски воздух, додека ме држи памет, дека мојот дедо, татко претци, син, ќерка,  дека сме Македонци, родени во Македонија, тоа не може да се случи. Не верувам дека постои роден човек кој ќе излезе пред парламентот да побара промена на уставот со цел да побара промена уставното име“, вели Заев во изјавата.

-Нека суди македонската јавност со каков човек си имаме работа. Зоран Заев на македонската јавност и донесе договор за капитулација. Ова покажува дека секој збор на Заев не вреди, секој став и негова изјава не вреди. Цената на неговото капитулантско дело ќе ја плаќаат граѓаните на Република Македонија со нивното достоинство и чест. Ова е пораз на македонската дипломатија и не може да се прикаже како победа, ова е изневерување на очекувањата на граѓаните. Во само неколку месеци тој направи драстично менување на ставовите, но таа негова смена и прави непоправлива и неповратна штета на нашата татковина, Република Македонија. Овој пат влогот не се компаниите од Струмица или пак некои фамилијарен бизнис или државни тендери кои по правило ќе завршат кај некој од власта, овој пат цената на неговото капитулантско дело ќе ја платат граѓаните на Република Македонија и ќе ја плаќаат со нивното достоинство и чест, истакна Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека ова е апсолутен пораз за македонската дипломатија.

-Ова е изневерување на очекувањата. Имаме министер за надворешни работи, името му е Никола Димитров, кој е учесник во оваа капитулација и кој најави дека ако тоа помогне ќе си поднесе оставка. Еве го тој момент г-дине Димитров, првиот почетен чекор е вие да си дадете неотповилива оставка поради капитулацијата која ќе се обидете да им ја прикажете на граѓаните како победа. Ако пак, Зоран Заев покаже дека е подготвен на ова, тој покажува дека е подготвен и на се останато. Откако е премиер видливо е дека Македонија губи, губи дел од својот идентитет, губи делови од атрибутите на она што нас не дефинира како народ, држава, граѓани. Го менува нашиот идентитет. Го менува она што нас не дефинира како држава, Уставот на Република Македонија. Тоа е нешто што јас и партијата ВМРО-ДПМНЕ не можеме да го прифатиме, ниту ќе го поддржиме, затоа што јас верувам во принципи и вредности, а принципите се она што нас не дефинира како луѓе и политичари. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, а со цел промена на уставното име и ќе се спротивстави со сите демократски и правни средства против овој капитулантски договор, нагласи Мицкоски.

Тој потенцираше дека работата е пресериозна и сите имаат одговорност кон државата и граѓаните.

-Денес побарав итна средба со претседателот на државата Ѓорге Иванов кој предводи една од институциите која е дел од државноста и интегритетот на државата и каде ќе разговарам за ова суштинско прашање. Ја користам оваа прилика да побарам средба со премиерот Зоран Заев на која очекувам да ми биде доставен пишаниот документ односно она за што се согласил со неговиот грчки колега Алексис Ципрас, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Обраќајќи им се на граѓаните, Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ останува со нив и со Република Македонија.

-ВМРО-ДПМНЕ останува на интересите на Македонија и на сите вас, истакна Мицкоски.