Врз основа на анализата која што ја имаме направено мислам дека господинот Зоран Заев и господинот Оливер Спасовски точно знаат што се случувало тогаш, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање за бегството на Никола Груевски во интервју за ТВ Сител.
Во врска со обвинувањата од премиерот Заев дека Мицкоски е вмешан во бегството на Груевски, претседателот на ВМРО ДПМНЕ потенцираше дека таквата изјава на Заев е несериозна од прв човек на државата, имајќи предвид дека токму премиерот ги има сите информации.
Јас сум сигурен дека тој ги има сите информации и жалам што не смогна сила да тие информации ги сподели со македонската јавност еве неколку недели потоа откако се случи тој настан тоа бегство на господинот Груевски. Се надевам дека во блиска иднина тие информации ќе ги сподели, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека пи-ар стратезите на власта во отсуство на кампања која ќе се темели на факти и аргументи против него оцениле дека Груевски има негативен рејтинг и сега тоа се обидуваат нему да го залепат.
Затоа велам станува збор за несериозен настап, детски настап, како што впрочем се однесуваше целокупната година 2018 година и се надевам дека многу скоро ќе собере сили и храброст да излезе пред македонската јавност да го лоцира виновникот за тоа што се случило, да преземе некој конечно одговорност, ние на нашите протести бараме одговорност од министерот за внатрешни работи, бараме негова оставка, нагласи Мицкоски.