Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски денеска оствари средба со Амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија Самуел Жбогар.
На средбата се разговараше за актуелната политички ситуација, стратешките приоритети како и реформските процеси кои се клучни за остварување на стратешките цели на Република Македонија, информираат од партијата.
Наш стратешки интерес и приоритет е членство во Европската унија. Но, изразуваме загриженост бидејќи имаме најслаб резултат во полето на реформите кои што се од суштинско значење за интегрирање на државата во ЕУ, затоа што оваа влада нема капацитет да ги спроведе потребните реформи, додаде Мицкоски.
Мицкоски посочил дека Владата и Заев не покажуваат суштински интерес за отстранување на недостатоците поради кои државава не доби датум за преговори, и наместо реформи гледаме криминал, прогон и закани врз новинарите, опозицијата и сите неистомисленици на власта.
Истакна и дека политичкиот прогон врз опозицијата е со цел да се дефокусира јавноста од вистинските проблеми со кои се соочуваат граѓаните, криминалните скандали кои се случуваат како и дека на Македонија и се потребни суштински реформи и функционирање на обвинителскиот и правосудниот систем според начелата на непристрасност и законитост, стои во партиското соопштение.
Фрапантна е незаинтересираноста на обвинителството за криминалот на власта, посочил Мицкоски, кој подвлече дека подеднакво загрижувачка е и економската состојба на граѓаните кои секојдневно се осиромашуваат од неодговорната влада.