Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција денес говореше за синоќешната лидерска средба и за причината зошто не е постигнат договор.
Вели дека СДСМ и нивните мегафони синоќа и од утрово изнеле лаги, кои имаат за цел дефокусирање на вниманието од вистинските причини за непостигнување на договор.
-Вчера пред мене беа луѓе кои не сакаат владеење на правото, не сакаат правда и бегаат од соочување со законите затоа што нивната целокупна работа може да стане предмет на истрага на обвинителство кое вчера беше предмет на разговори. Сите знаеме дека не се чисти и до гуша се во корупција и криминал. Но, да го оставиме ова на страна. Ние сме сериозни и темелни и сакаме да ја информираме јавноста за вистинското однесување во текот на вчерашниот ден, истакна Мицкоски.
Тој пред јавноста зборуваше за вчерашните случувања.
-Вистина е дека вчера главната борба на Зоран Заев беше да се заштити Зоран Заев, фамилијата и луѓето од власта за одговорност од криминалиите со кои тој и неговите луѓе управуваат. До доцна во ноќта имавме слика на еден очајник, потопен во криминал, кој се препотуваше, се грчеше и црвенееше, а веднаш потоа беше блед како крпа само за да задржи било каква контрола врз обвинителството. Да може тој да контролира и управува, да наредува, затвора и заташкува случаи. Таа контола му треба за да не одговара за Рекет, а богами и за рекет 2, рекет 3, рекет 4 и сите останати случаи, како тендериоте на Рашкоски. Водеше битка за бегање на одговорност своја, на својата фамилија и соработниците. Да не се стигне ниту до Кирацовски, ниту до Ременски и сите опфатени со сомнежи за силна криминализираност. Ете затоа нема договор, Заев сака озаконување на криминалот во сопствените редови, порача Мицкоски.