Мицскоски: Да ги задржиме младите тука, да ја развиеме државата економски

Европски вредности не се оние кои што денес го промовираа владата на СДСМ, туку европски вредности се она кое што го промовира ВМРО-ДПМНЕ а тоа е да се задржат младите во државата, да се развива Македонија економски силно и стабилно, да создадеме конкурентно здравство, истакна денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на научниот симпозиум 129 години ВМРО „Борба за Македонија која трае“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски  рече дека Македонија не се брани со статуси на социјалните мрежи туку македонскиот народ може да се заштити единствено преку чесна работа и посветеност, а не со методи од 18 или 19 век и со политичари како актуелните во изминатите пет години. Во однос на надворешната политика Мицкоски нагласи дека влада на СДСМ потпишала документ со кој потврдува дека македонизмот до 1945 година е поврзан со бугарскиот идентитет, криејќи се под превезот на европската иднина.

„И од сето тоа имаме само дополнителни услови. Затоа треба да разговараме лице в лице. Треба да се зборува и во Берлин, и во Париз, и во Брисел, но и тука кога ќе дојдат во Скопје. Ајде да ги ставиме аргументите на маса. Ако ја смениме Преамбулата ќе бидеме ли во 2030 година членка на ЕУ? Ајде да зборуваме дека нема никој понатаму поради билатерални прашања да ни става вето. Доста губеше овој народ од својот идентитет, време е нешто да добие. Дополнителен услов добивме од политичари кои велат, ние тоа ќе го поддржиме, но имаме наш услов. Дали тоа ќе значи поголемо право на некоја индивидуа да се изрази? Но, затоа првата реакција од таму беше дводомен парламент. Значи дојдовме до суштината, а тоа е бинационална држава, подоцна и федерација. Тоа ли е целта? Да се наруши унитарниот карактер на Македонија? Затоа упатам порака и до нашиот политички противник СДСМ и ги повикувам на семакедонско обединување за овие прашања. Подготвен сум да разговарам лице во лице со Димитар Ковачевски, со секој еден од нив во и надвор од Македонија. Затоа што тоа го бара од нас македонскиот народ во Македонија и македонската дијаспора секаде во светот, да ги исцртаме македонските црвени линии и од тие линии да не смееме да се поместиме”, порача Мицкоски.

На крај претседателот Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ има коалициски и државотворен потенцијал, и секој кој што сака да има ваква држава е добредојден и тука нема како што рече тој национална или верска припадност, упатувајќи порака дека е потребно семакедонско обединување односно како што потенцираше тоа го бара македонскиот народ и македонската дијаспора.

Отворени се вратите за секому, па дури и на оние кои што се од спротивната страна. Ги отвораме вратите придружете ни се. Затоа ја користам оваа прилика да упатам порака и до нашиот политички противник СДСМ и да ги повикам на семакедонско обединување за овие прашања. Подготвен сум да разговарам лице во лице со Димитар Ковачевски, со секој еден од нив за семакедонско обединување, во Македонија и надвор од Македонија. Затоа што тоа го бара од нас македонскиот народ во Македонија и македонската дијаспора секаде во Светот, да ги исцртаме македонските црвени линии и од тие линии да не смееме да се поместиме, порача Мицкоски.