Легендарниот српски фудбалер Синиша Михајловиќ , тренер на Болоња, за прв пат на прес-конференција се огласи во јавноста по 13 јули кога откри дека болува од леукемија.
Михајловиќ одржа емотивен прес на кој беа присутни сите фудбалери на Болоња и на кој не можеше да ги сокрие солзите.
– Четири тешки месеци се зад мене, имав силни хемотерапии, но се пребродив поради мојот карактер. Добивав голема ментална сила и од докторите. Најдов ангели чувари за да ми помогнат, тие се најважни за тоа и засекогаш ќе им бидам благодарен, -изјави Михајловиќ по што го совладаа емоциите: – Се извинувам што плачам, -додаде Михајловиќ и го продолжи пресот.
На прес конференцијата се обрати и капитенот на Болоња, Блерим Џемаили кој му кажа на тренерот дека им недостигал многу во овој период.
– Ни недостигаше многу, пресреќни сме што повторно цел ден си со нас. Знаеме дека не си среќен поради нашите последни натпревари, но ќе се обидеме да се подобриме, -му порача Џемаили.