Италијанскиот фидбалски великан Милан потпиша договор со талентираниот 16-годишен шведски играч Лукас Едвин Бјорклунд, но истовремено водството на „Росонерите“ се најде на мака бидејќи исто така младиот 21-годишен прв голман на екипата Џанлуиџи Донарума побарал годишна плата од 10 милиони евра за продолжување на договорот.
Бјорклунд доаѓа од Малме, а може да игра и во средниот ред и во нападот. Кариерата во Милан ќе ја започне во јуниорската екипа, но стручниот тим на клубот предвидува дека многу скоро може да стане член на првата екипа.
Истовремено италијанските медиуми објавија дека еден од најталентирани голмани на денешницата, Џанлуиџи Донарума, побарал годишна плата од 10 милиони евра.
Донарума потекнува од фудбалската школа на Милан и на првата екипа ѝ се приклучи пред речиси четири години а има договор до јуни 2021 година. Според овој договор има годишна плата од 6 милиони евра.
Иако менаџер на голманот за кој се заинтересирани многу фудбалски гиганти во Европа е моќниот Мино Раиола, медиумите наведуваат дека малку е веројатно оти сопствениците на Милан ќе се согласат да ја зголемат платата на Донарума на споменатата сума. Челниците на клубот настојуваат да ги кратат платите на играчите, што е политика на клубовите во светот поради намалените приходи како последица од пандемијата на коронавирусот.