Во државава за гради како никогаш досега. Само во моментов се работи на повеќе од 170 километри нови автопати, капитални инвестиции кои ќе донесат побрз и олеснет транспорт, пониски трошоци, зголемена конкурентност.
Се поврзуваат градовите и регионите со нови конекции, се работи и на локални патишта кои се и најмногу користени од месното население. Само во изминативе неколку години, за време на ВМРО-ДПМНЕ, се изградени или реконструирани повеќе од 400 локални патни правци.
-Република Македонија е претворена во едно огромно градилиште. На терен ќе забележите дека се гради во сите региони на државата. Инвестицискиот циклус што трае веќе неколку години надминува милијарда евра. Се работи за инвестиции во патната, железничката и комуналната инфраструктура, односно капитални инвестиции само во нашиот ресор. Се градат автопати, регионални патишта, пруги, се набавија нови возови, се градат или реконструираат канализациони и водоводни системи, вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.
Македонија со три нови автопати
Во Македонија како никогаш досега паралелно се градат три нови автопати, што е предизвик и за самите градежни компании, бидејќи зафатите се комплексни и повлекуваат ангажман на огромен број инженери и работници. Целата оператива е на терен, па оттука и не треба да изненадува фантастичниот раст на градежниот сектор во вториот квартал за цели 31%. Капиталните инвестиции се основа на економскиот развој.
-Ангажирани се околу 2.500 луѓе и тоа е сериозен поттик за македонското градежништво, како и за останатите поврзани стопански гранки, вели премиерот Емил Димитриев.
-Сите оние планови кои се зацртани од страна на институциите за реализирање на капиталните инвестиции треба да продолжат и во иднина, независно дали се работи за патната или железничката инфраструктура, бидејќи од тоа во голема мера зависи и економското делување на компаниите, смета Билјана Пеева – Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија.
Македонија добива три целосно нови автопати: од Демир Капија до Смоквица, од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид.
-Изградбата на овие автопатски делници претставува изградба на капитални проекти од национално значење, бидејќи само со овие автопатски делници се зголемува вкупната автопатска мрежа во државава за 50 проценти, вели владиниот портпарол, Александар Ѓеоргиев.
Делницата од Коридорот 10, од Демир Капија до Смоквица е во завршна фаза и во функција треба да биде ставена во почетокот на идната година. Станува збор за целосно нов автопат во должина од 28 километри, во вредност од 210 милиони евра.
Паралелно се работи на новите два автопати што се прават со кинескиот кредит: Кичево – Охрид со должина од 57 километри и вредност од 374 милиони евра и Миладиновци – Штип, во должина од 47 километри и вредност од 206 милиони евра. Двата проекта се оценети како исклучително важни, првиот за туризмот, вториот за економското раздвижување на источниот дел од земјава.
Веќе е распиштан тендерот и за делницата од Гостивар до Кичево.
Обнова на оштетените автопатски делници
Паралелно со изградбата на новите автопатски делници се врши обнова и на оштетените коловози на веќе постоечките автопатски траси.
Преку ИПА инструментот е распишан тендер за целосна реконструкција на автопатската делница од Скопје до Куманово во должина од 23 километри. Понудите од компаниите треба да бидат доставени до 16 октомври. Од Куманово до Скопје, пак, во обратен правец, веќе се вози по една коловозна лента, бидејќи се врши целосна обнова на делницата. Инвестицијата е вредна 10 милиони евра. Парлалено се работи и на потегот од Смоквица со Гевгелија.
-Многу е важно да ја зголемиме максимално безбедноста на Коридорот 10, бидејќи е еден од транснационалните коридори. Максимално вложуваме и во останатите коридори низ Република Македонија, вели министерот Мисајловски.
Целосно ќе се реконструира и делницата Неготино – Демир Капија од автопатот „Александар Велики“, во должина од 16 километри, а ќе се опфатат и двете насоки.
Не мирува изградбата на експресни патишта!
Паралелно со изградбата и обновата на автопатиштата се тераат проектите за експресните патишта. Веќе е распишан меѓународниот тендер за втората делница од патот Прилеп – Градско. Првата делница е во изградба. Проектот треба целосно да биде готов до 2019 година.
Ќе се градат и Штип –Кочани и Радовиш – Штип, клучни за источниот дел од земјава. Првиот проект е вреден 53 милиони евра, вториот 64 милиони евра, а ќе се работи и на потегот од Ранковце до Крива Паланка.
-Источна Македонија добива модерни патишта со што се очекува да дојдат повеќе инвеститори, народот полесно ќе патува до главниот град, ќе се подобрат комуникацијата и безбедноста, вели градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.
Финишира изградбата и на експресниот пат Велес – Кадрифаково во должина од 26 километри. Оваа инвестиција е тешка 14,6 милиони евра.
-Повеќе од 40 години не е инвестирано во овој регион. Сега привршуваме со изградбата на експресниот пат, вели директорот на ЈП за државни патишта, Александар Стојанов.
Се работи и на регионалните делници
Паралелно со автопатите и експресните патишта се работи и на регионални делници: Битола – Ресен – Буково, Мокрино – Смолари, Бошков мост – Дебар, Делчево – Голак, Мелнички мост – Жупа, Кривогаштани – Обршани – Воѓани, Кочани – Делчево, Сопиште – Говрлево, Опае – Бељаковце до граница со Косово, Градко – Дреново, Ново село – Маврово, Нов Дојран – Николиќ, Тетово – Брвеница, Чегране – Гостивар, Калишта – Струга.