Антонио Милошоски, поранешен министер за надворешни работи и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во денешното гостување во 24 анализа со Душица Мрѓа, смета дека нема потреба со пребрзо славење зошто земјата се уште е во исчекување дали ќе добие датум за почеток на преговори, кој го заслужила уште во 2009 година. Тој цени дека е штета што една година од датумот нема преговори, но има добра шанса за добра одлука, но таа нема да биде чиста, туку е можно да биде датум со одредени услови и подалеку проектирана владина конференција.
„Одлуката кога официјално ќе почнат преговорите нема да е календарска и техничка, туку одлуката дали Македонија ќе ги почне преговорите во текот на 2019, првата или втората половина на 2020 зависи од одредниците и задачите кои ќе бидат дадени, строго мониторирани кои ќе се однесуваат на државата, но најмногу на владата и од нивното исполнување ќе зависи брзината на стигнувањето на првата меѓувладина конференција“, вели Милошоски.
Милошоски истакна дека очекува првата меѓувладина конференција да биде во втората половина на 2020 и дека неа била ја имале во текот на германското претседателство.
Според неговите сознанија, Франција планира да предложи нова методологија за преговорите со Македонија и Албанија.
Што се однесува до обвинителството, Милошоски е дециден дека тие не застапуваат непознати принципи, дека тие принципи многу брзо се менуваат.
„Гледаме дека многу често се менуваат принципите и моделите како да се организира обвинителството. Да имаме принципи кои ќе важат за сите“, вели Милошоски.