Антонио Милошоски пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот Комитет на Live Chat на ВМРО-ДПМНЕ одговори на прашањето „Каков ќе биде исходот од средбата на Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас со Никола Димитров?“.
Милошоски истакна дека има еден проблем кој се провлекува во односите на Република Македонија со Грција.
„Република Македонија во моментов недоволно стои и се држи до својот најсилен аргумент во нашите билатерални односи, а тоа е пресудата од меѓународниот суд на правдата во Хаг. 2008 година кога Грција спротивно на времената спогодба стави вето на поканата за членство на Македонија во НАТО ние поднесовме тужба во судот во Хаг, каде што имав чест да бидам застапник на Република Македонија заедно со еден поголем дипломатски и правен тим. И во 2011 година добивме пресуда, едногласна пресуда доколку се иземе гласот на грчкиот судија во која што беше одлучено дека Грција нелегално и со прекршување на времената спогодба ја блокирала Република Македонија за да добие покана за членство во НАТО“, истакна Милошоски.
Поранешниот министер за надворешни работи истакна дека примарниот аргумент на Македонија во односите со Грција новата влада го занемарува, како и дека министерот Никола Димитров и премиерот Зоран Заев не бараат од Грција и меѓународната заедница да ја признае пресудата од врховниот судски орган на Обединетите нации, судот во Хаг.
Милошоски наведе уште еден недостаток во односите со Грција и надворешната политика која ја води владата на Заев, а тоа е нетранспарентноста во преговорите и одлуките. Тие кога беа во опозиција ја обвинуваа за нетранспарентност владата на ВМРО-ДПМНЕ, а сега немаме никаков увид во нивната надворешна политика. Во моментов има најави за нови предлози за името, а граѓаните немаат никаков увид во сето тоа додаде Милошоски.