Милошоски до Заев: Заканите од Тричковски го вознемируваат моето семејство, пред се децата

Скандалозниот провладин аналитичар, новинар и идеолог на СДСМ, Бранко Тричковски на својот ФБ профил објави шокантен статус за пратеникот Антонијо Милошоски кој вчера во Стразбур не дозволи да ја претставува „Северна” туку само Република Македонија.

 

Почитуван г-не Зоран Заев, откако вчера имплицитно ми упативте закана дека пречкртувањето на „Северна” на мојот беџ како пратеник на Македонија во Советот на Европа “е безобразно и казниво дело”, денес еден од вашите поддржувачи кој е јавна личност, продолжува со директни закани, говор на омраза и морбидни пораки кои создаваат вознемиреност и несигурност за мојата безбедност кај мене, кај моето семејство, сопругата, родителите, но и најголемиот син од моите 4 малолетни деца, кој има 11 години, чита, следи социјални мрежи и во мојата безбедност ја гледа и неговата заштита и детска безгрижност.

Долго време сум во политиката, но никому, без разлика на која партија, вера или социјална категорија припаѓа, без разлика на различното мислење, никому не сум му упатил закана, смртна клетва или зломисла за штета на неговиот живот или здравје.

Затоа барам од вас г-не Заев, како премиер, но исто така и од министерот Спасовски, од Јавниот обвинител Јовевски, да се оградите од ваквиот говор на омраза и морбидни закани на вашите поддржувачи, ЈО и МВР да превземат законски мерки за нивно санкционирање, а вие како премиер да дадете личен придонес за создавање на една нормална политичка атмосфера каде различното мислење и критиката на власта нема да биде основа за закани и говор на омраза кон политичките неистомисленици и да ги доведува во несигурност и страв нивните семејства. Очекувам и од шефот на делегацијата на ОБСЕ, Амб Клеменс Која, во Македонија, да даде правна поука и препорака до македонските власти во МВР и ЈО за начинот на кој во Австрија и ЕУ се справуваат со ваквите говори на омраза и морбидни политички закани.

Овие избори не се ни први, ни последни. Нема потреба од нервоза, говор на омраза и закани. Секој нека биде слободен да каже што мисли, да постапи како мисли дека треба, да критикува или да пофали.., а на крајот нека победи подобриот, односно подобрата!