Минатата година 116 лица го загубија животот во сообраќајни несреќи во Македонија

Секоја година, третата недела од ноември, се одбележува Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди. Овој ден е посветен на милионите загинати или повредени во сообраќајни несреќи на светските патишта и на членовите на нивните семејства, како и на сите оние кои се соочуваат со физички или психички последици од сообраќајни незгоди.

Овој ден се одбележува од 1993 год., а во 2005 година ООН го прогласи за светски ден кој се одбележува секогаш во недела во третата седмица од месецот ноември. Многу релевантни институции и организации од целиот свет работат напорно на подигнување на свеста кај учесниците во сообраќајот за последиците од сообраќајните незгоди со цел да се намали бројот на загинати и повредени.

Во Република Македонија, минатата година, 116 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди.

Жртвите и повредите на патиштата се ненадејни и трауматски настани чие влијание е долготрајно. Годишно, во светот, околу 1,3 милиони луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 50 милиони лица се здобиваат со повреди. Покрај ова, последиците од ваквите незгоди дополнително директно влијаат врз животите на уште најмалку четворица од околината на секоја жртва во сообраќајна незгода.

Оттаму, овој ден има за цел да ја потсети јавноста на лицата кои настрадале во сообраќајни незгоди, да им се даде помен на истите, но и да се допре до свеста на сите учесници во сообраќајот со цел тие да размислат за сопствената одговорност, како и за последиците од сообраќајните незгоди.

Затоа РСБСП упатува апел: „Да ја поттикнеме свеста на учесниците во сообраќајот за почитување на правилата и прописите во сообраќајот, а со тоа и за намалување на сообраќајните незгоди, со што ќе се намали и бројот на загинати и повредени лица! СТОП ЗА СМРТТА НА ПАТИШТАТА!“