Мизерија

Македонија во Европа е на врвот според стапката на инфлација и стапката на невработеност кои го даваат т.н. Индекс на мизерија во септември и е втора на листата (33,2) на Европа. Со ова се утврдува економското страдање на една земја, според инфлацијата и на невработеноста. Ова доволно говори за економската беда и социјалното страдање на македонските граѓани.

Мизеријата (бедата, сиромаштијата) ја чувстуваат македонските граѓани, каде што според статистиката е над 500 илјади економска и социјална беда, каде што оваа влада го задолжила секој македонски граѓанин по 700 евра. Загрижувачка и алармантна состојба.

Овие што ја водат Македонија се однесуваат несоодветно, односно МИЗЕРИЧНО (читајте духовно сиромашно) со невладеење на правото и нефункционирање на правниот систем, нееднаков третман во оптеството, партизирани институции, корумпираност, криминал, тендери, непотизам…

Меѓународните институции, констатираат дека Македонија по перцепција на корупцијата и криминалот се наоѓа на високата ранг листа. Мизериите што владеат во владата по институциите, агенциите, разни второстепени владини комисии си го гледаат само својот финансиски интерес, а, најмалце за интересот на граѓаните.

Додека владините функционери, како што истакнав, си ги гледаат своите интереси, финансиски ги уживаат сите благодети, со немање никакво чувство за бедата и сиромаштијата за обичниот македонски граѓанин, тоа се потврдува со истакнатите скандали со кои опозицијата ги истакнува аферите „Паразити“ на високи владини нефункционални функционери кои земаат финансиски месечни средства од повеќе илјади евра, како пример: директорите на МНАВ со нивните финансиски примања на месечно ниво од 4 до 5 илјади евра, или директорот на цивилно воздухопловство, Тунтев, 3.300 евра, директорот на ПУИК 105.000 денари, Никола Лушев Телеком 11.500 евра, Љупчо Зиков МЕПСО 80. 000 денари, Жерновски 1.000 евра… и други. Дали за овие владини поставени паразити, јас би ги нарекол МИЗЕРИИ, кои без труд најмалце мислат за македонските  граѓани кои живеат во сиромаштија. И овие Мизерии, ќе бараат од македонските граѓани да гласаат за нив и да им дадат доверба. Нема. И не може да добијат. Тие го потценуваат македонскиот граѓанин. Но нека знаат, македонскиот граѓанин памти, ама не заборава!

Оправдани се студентските протести и барања. Студентите живеат во субстандардни услови во студентските домови, каде што од нехигиенските услови, смрдеи си имаат здравствени проблеми, со право бараат да имаат достоинствени човечки услови за живот, изедначување на стипендиите, сунвенционирање на студентскиот оброк, студирање и квалитетно образование. Оправдано е барањето на студентите,  за донесување на Законот за студентски стандард кој ќе биде од интерес на студентите.

За мизериите во образовнието и науката, доволно  говори фактот што за месец дена ќе заврши првото полугодие и сѐ уште ги нема новите учебници. Од МОН истакнуваат (смешно) дека до крајот на овој месец ќе бидат дистрибуирани над 70 проценти од учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение во основно образование. Како и за средните сручни училишта. Ова е институционална мизерија. Но нема никаква одговорност! Срамота.

За овој скандал, нека одговори министерот Јетон Шаќири, од кои пари Универзитетот Тетово и неговиот ректор Вулнет Амети, склучуваат Договор за јавна набавка за угостителски услуги на 14.09.2022 година со хотел СКАРДУС ДОО Тетово, со директорот Хашим Хасани. За какви хотелски услуги за потребите на Универзитетот Тетово? Вредноста на договорот за една година изнесува 4.000.042,00 денари со ДДВ (или околу 70.000 илјади евра). Професорите на Универзитетот Тетово, се чудат и велат тоа е перење пари кои ќе завршат во политичката партија ДУИ. Ако е така, тогаш мора да реагираат институциите МОН, ДКСК, Финансиска полиција. Има само молк. Мизерија!

Нешто за судската и обвинителската мизерија. Само како пример одложеното судење против Лидија Димова (поранешен директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност- за тренирање на магариња) која не се појавила на суд. Судското рочиште е одложено за 2 Февруари 2023 година, првообвинетата не се појавила во Основниот кривичен суд-Скопје (одложена поради  влошена здравствена состојба). Одложување побарала и јавната обвинителка, била спречена да присуствува (обвинител Сузана Мирческа Кузмановска). Мизерија!

Мизеријата продолжува и во екологијата, на овој план Градот Скопје е петти (5-ти) во светот по загаденост! Жално, ама вистинито.

Институционалната мизерија и скандал се случува и во безбедносните служби од страна Агенцијата на национална безбедност (АНБ) со давање на македонското државјанство на украински политичар со руско државјанство, Олександар Онишченко, кој е и под санкции на САД. Добил македонско државјанство од страна на македонската влада на 31. мај 2022 година. Добро е што директорот Виктор Димовски на АНБ признава дека има  пропусти во неговите служби за издавање на македонски пасош на Онишенко. Ќе барал одговорност. Да, директоре Виктор Димовски, одговорност да бараш од тие што ти си ги назначил и поставил началници. Но, директоре Виктор Димовски, вие треба да си поднесете неотповиклива оставка. Како што ќе рече претседателот Пендаровски: „Случајот со Онишенко е голем удар за кредибилитетот на АНБ“ ова е меѓународен срам. Ова е институционална мизерија.

Институционалната мизерија продолжува и во делот во борбата против организираниот криминал и изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција. За ова американската амбасадорка Ангела Агелер, ќе изрази отворено незадоволство од начинот на кој Ислам Абази станал шеф на обвинителството, што треба  да ја предводи борбата против корупцијата… Истакнува дека: „Граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор и дека политичкото мешање нема место во овие постапки“.

Иста е реакцијата и на холандската Амбасада во земјава: „За Холандија, владеењето на правото е од огромно значење и внимателно ги следиме сите случувања во правосудниот сектор во Македонија“.

Ајде, премиери Ахмети и Ковачевски, Османи, Маричиќ и други владини мизерии, што ќе одговорите на забелешките на амбасадорите што се во Македонија. Прочитани сте. Влез во Европка Унија ќе влеземе во 2050 година, и тогаш е прашање, бре мизерии. До кое дереџе не донесовте!

Затоа предлагам и ни е потребно неминовно со обвинителството во Македонија да раководи европскиот јавен обвинител Лаура Ковеси, каде што Законот ќе биде еднаков за сите. Како што е поведена истрага во врска со набавки на вакцини против коронавирусот од страна на претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лејен.

Кога Законот ќе биде еднаков за сите и ќе се поведат истраги против Ахмети, Ковачевски, Османи, Маричиќ и други институционални мизерии, тогаш ќе имаме шанса за влез во ЕУ. Вака со вакви организирани институционални криминали во сите институции: образование, здравство, МВР, АНБ, Влада, нема влез во ЕУ ни после 2050 година.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес