Се надевам дека во првиот квартал од наредната година ќе имаме околу десетина фирми кои ќе ги објават веќе донесените одлуки за инвестирање во Македонија, рече синоќа во Кавадарци директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо пред почетокот на трибината „Странските директни инвестиции како двигател на македонската економија”, пренесува МИА.
Најважно е, потенцира тој, што се трудиме инвестициите да ги има низ целата држава, „Џонсонс контролс” во Штип, „Кромберт и шуберт” во Битола, „Дрекслмаер” и сега „Кофикабс” во Кавадарци. Американска компанија која ќе произведува воздушни перничиња, најави, планира да отвори околу илјада работни места во Кичево.
Мизо најавувајќи инвестиции и низ други региони во државата, истакна дека тоа се прави за луѓето низ целата држава да ги почувствуваат бенефитите од, како што рече, нашето седумгодишно работење.
Претседателот на Комисијата за економија и финансии при Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци, Илија Тренчев, подвлече дека влијанието на директните странски инвестиции е доста поволно.
„Тоа се докажува преку фабриката ’Дрекслмаер’ и веќе најавената ’Кофикабс’”, како и останатите инвестиции низ другите градови во Македонија“, нагласи Тренчев.