Министерството за образование и наука објави оглас за избор на компанија – изведувач на проектот за санација и адаптација, односно темелна реконструкција на блок А во состав на студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје.
Рокот за поднесување на понудите од страна на заинтересираните компании е 7.12.2015 година, кога е предвидено да се изврши и јавното отворање на сите пристигнати понуди.
Инаку, со денешната активност започнува втората фаза од процесот на реконструкција на најголемиот студентски дом во земјата, која се реализира етапно, за да има доволно места за сместување на заинтересираните студенти во текот на академската година.
Градежните активности од првата фаза, која предвиде темелна реконструкција на блокот Б се целосно завршени. Во тек е дистрибуцијата на новиот инвентар, односно опрема и до овој момент целосно опремени и вселени се 2/3 од објектот.