
Фудбалерите на Монако забележаа минимална но вредна гостинска победа кај Нант во петокот вечерта во премиерниот дуел од 11-то коло на француското фудбалско првенство.
Единствениот погодок на мечот го постигна Висам Бен-Једер во 22 минута, по асистенција на рускиот репрезентативец Александар Головин.
Монако ја оствари втората последователна победа, а во последните пет натпревари екипата од Кнежевството победи на четири а еднаш беше поразена, што ѝ овозможи моментален пробив на осмото место на табелата со 15 бодови.
Нант, пак, го претрпи вториот пораз во низа но засега останува на втората позиција со 19 бодови, пет зад водечкиот ПСЖ, а два повеќе од третиот Ремс.
Во сабота играат двојките Лил – Бордо, Монпелје – Анжер, Брест – Дижон, Лион – Мец, Ремс – Нимс и Стразбур – Ница. Во недела на распоредот се три натпревара: Рен – Тулуз, Сен-Етјен – Амјен и ПСЖ – Марсеј.