Москва го обвини Киев за „безбожнички напади“ во манастири

Руското министерство за надворешни работи ја критикуваше во средата Украина поради „безбожничкиот, дивјачки и неморален“ напад врз Киевско Печерската лавра на Украинската православна црква која е во единство во Московската патријаршија.

Во вторникот припадниците на разузнавачката Служба за безбедност на Украина (СБУ) изведуваа оперативни активности во светски познатата Киевско-Печерска лавра, два манастира во регионот Ровен, како и во просториите на Сарненската епархија на украинската црква.

Во Киев беше соопштено дека наводно припадници на СБУ откриле „проруска литература“, без да ја појаснат содржината, „повеќе од два милиона украински гривни (54.000 долари), 100.000 долари и неколку илјади руски рубљи“.

Во операцијата биле претресувани повеќе од 350 црковни објекти и 850 лица. Повеќе од 50 луѓе биле испитувани од украинските разузнавачи, некои и со употреба на полиграф. Покрај државјани на Украина, биле претресувани и странци, главно државјани на Руската Федерација, кои се нашле во објектите, соопштија од Киев.

Украинската СБУ објави дека операцијата имала цел да спречи наводни „субверзивни активности на руските специјални служби“.

Претходно на 13-ти ноември украинското разузнавање отвори кривично дело поради наводно пеење проруски песни во една од црквите на илјади години стариот комплекс Киевско-Печерската лавра.

Манастирот е културен и историски бисер крај Киев кој датира од период на Киевска Русија, и е центарот на Украинската православна црква, којашто е под историската јурисдикција на Московската патријаршија, наспроти новоформираната Украинска православна црква, чија самостојност ја прогласи грчката Вселенска патријаршија во Грција пред неколку години, кога беа одземени некои цркви од УПЦ а имаше и повеќе случаи на физички судири меѓу клерот и верниците на двете цркви.

Руската православна црква во вторникот соопшти дека претресите на црковните објекти и на верските лица и службениците од страна на украинското разузнавање е „јасен чин на заплашување“.

Во средата портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека не може да има оправдување за рациите и го спореди „Киевскиот режим со Баханалиите“, древните празнувања на римскиот бог на виното Бахус, што и во Русија се поврзува со неморално однесување и разврат.

„Тоа е еден вид безбожнички баханалии. За тоа нема ниту оправдување, ниту објаснување, а ниту може да ги има. Станува збор за уште една апсолутно неморална и дивјачка акција на киевскиот режим“, рече Захарова.