Претседателот Пендаровски упати писмо до Вселенскиот патријарх со замолница и на православните христијани во земјава да им биде дозволено да станат дел од светската христијанска екумена.
Отец Тимотеј информира дека очекуваат по излегувањето на вакцината за ковид 19, да се случи и средбата со Вселенскиот патријарх Вартоломеј кој ја најави сам со покана на претставници од МПЦ и од Српската православна црква за да ги соочи двете гледишта.
Но и без физичка средба, разговори директно со Вартоломеј и со негови претставници имало целиот овој период , вели Тимотеј во разговор со Канал 5 но детали од тие разговори засега се чуваат во тајност.
Инаку во писмото кое денеска му го испрати претседателот Пендаровски на Вселенскиот патријарх по повод почетокот на Новата црковна година , побара од него да го искористи своето апелационо право и да ги направи нашите граѓани и верници од православна вероисповест да бидат еднакви со другите во светот.
-Ви се обраќам во името на голем дел од моите сограѓани коишто се идентификуваат како православни христијани и чија единствена желба и потреба е да се смират со своите ближни и да се упатат кон заедничката иднина, кон соживотот и кон вистинската слобода. Во оваа насока би сакал да упатам барање до Вашата Сесветост да го уважи повикот на нашиот благочестив народ и на нашата Црква да го употребите своето апелационо право, со што нашите граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите останати православни христијани во светот, напиша шефот на државата во писмото до вселенскиот патријарх.
Покрај Пендаровски, на почетокот на годинава седиштето на Вселенската патријаршија го посетија актуелниот премиер Зоран Заев и актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Ним Вартоломеј им вети дека се нафатил да работи за надминување на црковниот спор и дека ќе повика делегации на двете цркви за лично да го запознаат со своите видувања за тоа како е најдобро да се реши долгогодишниот проблем а со тоа да се устоличи и автокефалниот статус на Македонската православна црква -Охридска архиепископија. .