
Министерството за здравство негира дека Комисијата oдбила да му ја нострифицира специјализацијата на лекарот-анестезиолог Ваљтон Дервиши, кој на Тик Ток објави видео од пациенти и медицински персонал.
За Телма велат дека на 10 октомври 2014-та поднел барање до Министерството за здравство – специјализацијата завршена на Универзитетот во Приштина да му се нострифицира, по што му била побарана дополнителна документација.
„Не се точни наводите дека Комисијата тогаш му дала негативно мислење, туку Комисијата дала задолжување именуваниот доктор да достави дополнителни документи за да се разјасни целата ситуација околу неговото барање за признавање на специјализацијата. Имено, после обезбедувањето на потребната документација од подносителот на барањето, Комисијата на ден 02.03.2015 донела заклучок дека таа специјализација е компатибилна со специјализацијата во Република Македонија. Согласно тој заклучок, изготвено е решение за признавање на таа специјализација, потпишано од тогашниот министер за здравство“ – соопшти Министерството за здравство.
Во тоа време, министер за здравство беше Никола Тодоров, кој ставил потпис на специјализацијата на Дервиши.
Дел од медиумите пишуваа дека специјализацијата ги немала потребните потписи од комисијата, но Тодоров ги демантираше овие наводи и рече дека ставил про-форма потпис.
Неофицијално, анестезиологот и претходно несовесно се однесувал, информација која ја добил и министерот за здравство Меџити, но не била потврдена. Меџити вели дека во тетовската болница не била формирана дисциплинска комисија за да го санкционира.
„Непотврдени информации исто и јас добив како вас. Нема ништо запишано, никаква постапка не е покрената досега, дисциплинска, никаква, не знам зошто. Тоа што можам да споделам е дека до пред две недели немало ни дисциплинска комисија, не знам зошто така било. Отсега натаму со мене во МЗ и со мојот тим работите веќе нема вака да продолжат, ќе се решат истиот момент и најстрого ќе се санкционираат“ – тврди Меџити.
Лекарската комора поведе постапка за времено одземање на лиценцата за работа на анестезиологот, кој е во притвор бидејќи ги снимаше пациентите во гинеколошкото одделение и видеото го емитуваше во живо на социјалната мрежа Тик Ток.