МЗТ се намачи против Работнички, но го направи првиот чекор кон финалето

Првата полуфинална пресметка меѓу МЗТ Скопје и Работнички му припадна на тимот од Аеродром (82-71), кој се најде на чекор до финалето. Бранителот на титулата, овој пат наиде на силен отпор од страна на вечниот ривал, дуелот го реши во последните седум минути кога направи серија од 11-0 за голем исчекор и водство од 1-0 во полуфиналето на плеј-офот.

Дамјан Стојановски беше стрелец на 14 поени, по 13 Кук и Вер, додека Војдан беше стрелец на 12 поени. На другата страна Џелетовиќ имаше 19 поени, по 16 реализираа Ногиџ и Малешевиќ.

Видовме скромно прво полувреме, со слаба реализација на двете страни. Првата четвртина му припадна на гостинскиот состав, предводен од Нотиџ и неговите осум поени, овој период заврши со 13-16. Двата тима немаа старт според очекувањата, беа во шутерска криза, повеќе гледавме серија на промашувања.

На стартот на втората четвртина, Малешевиќ со тројка зголеми на 13-19. Сепак кошаркарите на МЗТ Скопје се вратија на мечот, со серија од 7-0 поведе со највисоки 34-28. Малешевиќ на одморот намали на 34-30, најава за интересен финиш.

Војдан го отвори вториот дел за 37-30. МЗТ влезе во мини криза, противникот успеа да израмни на 40-40 во 23 минута, Умпинг постигна пет поени, на него се надоврзаа Малешевиќ и Џелетовиќ. Домаќинот врати со серија од 8-0 за 48-40, на другата страна гостите три минути беа без постигнат кош. Младиот Шошкиќ со тројка го прекина молкот за 48-43.

Во самиот финиш домашниот тим не искористи да дојде до двоцифрена разлика, па Работнички на стартот на последната четвртина намали на 56-54. Гостите нешто подоцна не искористија да израмнат, следеше казна. МЗТ Скопје казни, направи серија од 11-0, предводен од Дамјан Стојановски за првпат на мечот поведе со двоцифрена разлика 69-57. Ова беше и клучниот момент, разлика се искачи на 74-60. До крајот актуелниот првак знаеше како да ја задржи оваа позитива и да се најде на победа до финалето.

Вториот меч се игра во вторник во СРЦ „Кале“.

Извор: Спортмедиа.мк