Црногорците, кои остануваат нерешлива енигма за македонскиот првак со оглед што ги добија сите пет досегашни меѓусебни средби, победата ја обезбедија во третиот период, кога со серија 14-0 дојдоа до највисоките плус 13 (67-54), кои се покажаа недостижни за сино-белите од Аеродром. Тоа беа лоши неколку минути за „металците“, со кои ја поништија добрата партија дотогаш, со оглед што беа во водство во најголем од дотогашниот дел од мечот. Аеродромци во првиот период во неколку наврати водеа со седум поени разлика, а во вториот дојдоа и до плус осум (32-24), што донесе ерупција од одушевување во салата „Јане Сандански“. Но, тоа како повеќе да ги осоколи гостите, кои вратија со серија 15-3 и првпат дојдоа до некоја поопиплива предност (39-35).
Избраниците на тренерот Александар Петровиќ се држеа во игра до средината на третиот период, кога последен пат поведоа (54-53), по што следуваше лошиот период со 14 примени поени по ред со што колата тргна по надолна патека. Сино-белите колку и да се трудеа и да даваа се од себе, сепак, не се вратија во ситуација да се борат за толку посакуваниот триумф, бидејќи противникот секогаш кога ќе се најдеше во проблем погодуваше по некоја тројка во серија.
Големата доминација во скокот (38-24) и фантастичната прецизност во ударите за два поени (25/37) се покажаа како клучни статистички фактори за триумфот на Морнар. Бојан Крстевски со 22 поени беше најдобар кај МЗТ Скопје, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Војдан Стојановски со 13 и Мајк Кефи со 14 поени. Владимир Михаиловиќ со 25 и Дерон Расел со 22 поени беа најпрецизни кај гостите.
Составот од „Јане Сандански“ следниот меч во АБА ќе го одигра за две недели репрезентативниот прозорец на ФИБА и тоа на гости кај ФМП на 18 ноември.
Извор: Спорт1