Ние сакаме полноправно членство во Европската унија за сите земји од Западен Балкан, ова беше главната работа во нашето претседателство, изјави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, пренесува БГНЕС.
„Во однос на Република Северна Македонија, верувам дека не е европски да се поддржуваат манипулациите и лагите. Ние мора да ја надминеме омразата што беше изградена за време на тоталитарниот режим. Нормално е да се бара да се надмине антибугарската реторика, особено во последните неколку недели. Тие треба да имаат храброст да го сторат ова, не затоа што тоа е бугарска позиција, туку затоа што одговара на историската вистина“, рече Ковачев за БТВ.
Според Ковачев, надворешните фактори како што се Белград и Москва, како и про-југословенската елита со носталгија кон Тито, не дозволуваат Бугарија да биде најблиску до Северна Македонија и двете земји да имаат односи како Германија и Австрија, Грција и Кипар, Романија и Молдавија.
Тој вели дека од 2017 година Бугарија постојано ја предупредувала Република Северна Македонија дека проблемите мора да се решат.
Според истражувањето на „Алфа Рисрч“, 84% од Бугарите велат дека треба да има разговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, но само кога земјата ќе ги надминела историските манипулации и ќе се постигнел договор за фактите од историското минато на Бугарија. Истражувањето покажало дека 10,2% од Бугарите сметаат дека Бугарија треба да ја поддржи РС Македонија за ЕУ, без оглед на нејзиниот однос кон фактите за историското минато на Бугарија.
„Има огромна консолидација во бугарското општество, без оглед на партиската припадност на народот“, вели Ковачев.