Најмалата „соба за бегство“ на светот е мртовечки ковчег

Ликовите на Едгар Алан По се прогонувани од стравот да не бидат живи закопани и заробени во ковчег, а во денешно време тоа ги инспирирало вработените во шпанската компанија „Horror Box“ да ја создадат најмалата соба за бегство (escape room) на светот, искуство кое дефинитивно не е соодветно за клаустрофобичните.

Компанијата „Horror Box“, со седиште во Барселона, ја осмисли играта „Каталепсија“, што е алузија на медицинска состојба која вклучува екстремен степен на вкочанетост на телото и лесно може да се помеша со смрт. Учесниците имаат 30 минути да излезат од ковчегот, но пред тоа треба да решаваат загатки во соработка со партнер од соседниот ковчег, комуницирајќи со него преку разглас.

Развојот на настанот благодарение на камерите го следи модераторот на играта Аурора Алварино, која оваа „соба за бегство“ ја нарекува и „теретана за умот“. Таа им рече на новинарите дека целта на играта е да се создаде „ситуација во која порано или подоцна сите ќе се најдеме: свој погреб“.

Миријам Кастела, 22-годишна актерка избрана од компанијата да ја демонстрира играта, признала дека се чувствувала „малку исплашена“ откако се затворил капакот од ковчегот. Нејзиниот партнер во демонстрациите, 39-годишниот танчер Карлос Гранедо, рече дека веќе учествувал на околу петнаесет слични игри, но тој го нарече ова искуство уникатно.

Кога резервираат влезници, играчите можат да го изберат типот на ковчегот или да одлучат дали сакаат да бидат „кремирани“ во текот на играта во виртуелен пламен или со испуштање вештачки чад.

„Каталепсија“ ја црпи својата инспирација од стравот на лицето да биде закопано живо или тафофобијата, ирационалниот страв на поединецот од предвремено погребување или стравот да биде погребан жив.

Татофобијата била широко распространета во 1XIX век, а терминот може да се најде во расказот на По „Предвремено погребување“, кој беше адаптиран во филм во 1962 година.