Најмалку 35 цивили убиени во напад на бунтовниците во Буркина Фасо

Најмалку 35 цивили, претежно жени, се убиени во напад на исламистичките терористи во провинциjата Сум на северот од Буркина Фасо, се истакнува во официјалното соопштение на претседателот на земјата Рок Марк Кристијан Каборе.

„Како резултат на овој варварски напад загинаа 35 цивили, повеќето жени. Го искажувам своето искрено сочувство на семејствата на жртвите“, се вели во соопштението на претседателот на Буркина Фасо.

Во возвратната операција, војската успеала да „неутрализира“ 80 милитанти.

„Како резултат на херојските акции на нашите војници, тие успеаја да неутрализираат 80 терористи и да запленат важна воена опрема и возила“, се истакнува во изјавата на претседателот Каборе.

Во воената операција загинале и четворица војници и тројца жандарми, а уште 20 припадници на безбедносните сили биле ранети, се истакнува во соопштението за јавноста на вооружените сили на Буркина Фасо, кое го пренесува порталот Faso.Годинава исламистичкиот бунт во Буркина Фасо ги разгори етничките и религиозните тензии во голем дел од земјата, а особено е тензично во северните области кои граничат со Мали. Поради тоа, во земјата која некогаш беше сметана за „оаза на мирот“ во регионот по стотиците убиени изминатите две години, милион луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.