Околу 20.000 лица се вакцинирале со бесплатните вакцини за грип што ги набави Министерството за здравство, од почетокот на вакцинацијата од пети ноември до правата недела од јануари. Речиси исто толку се вакцинирале и со комерцијалните вакцини што ги набавија центрите за јавно здравје, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Најголем број вакцинирани за сезонски грип се на возраст над 65 години или од оваа возрасна група се вакцинирале околу 11.000 лица, а најмал број вакцинирани има во возрасната група од 5 до 29 години или околу еден отсто. Во извештајот на Институтот за јавно здравје се вели дека вакцината за сезонски грип ја примиле само четири деца помали од пет години, а меѓу вакцинираните нема бремени жени.
„Од здравствените работници вакцинирани се 801 лице или 4,1 отсто. Од вкупниот број вакцинирани, 14.089 лица се со историја на хронично заболување. Во првата недела од јануари нема податоци за вакцинирани, а во приватната здравствена установа Неуромедика вакцинирани се 50 лица од вкупно набавени 200 вакцини, или 25 отсто“, стои во извештајот на Центарот за јавно здравје.
Од почетокот на сезоната регистрирани се над 1.400 заболени од грип, а минатата недела регистрирани се околу 200 заболени. Најголем број од заболените се на возраст од 15 до 64 години, највисока инциденца на заболени е регистрирана кај децата на возраст од 5 до 14 години, а највисока кумулативна инциденца кај децата до четиригодишна возраст.
„Во споредба со истиот период од лани бројот на болни од грип е зголемен за 6,5 отсто. Најголем број на заболени лица се регистрирани во Гостивар, а највисока кумулативна инциденца е регистрирана во Македонски Брод“, се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје.