Над 20.000 починати од коронавирусот во Велика Британија

Велика Британија во саботата го надмина прагот од 20.000 починати од коронавирусот, откако болниците во Англија пријавија 711 починати во изминатите 24 часа.

Додека бројот на починатите расте, владата во Лондон е под сѐ поостри критики поради нејзиниот одговор на епидемијата. Ја обвинуваат дека побавно го воведувала карантинот од другите европски земји и оти доцни во зголемувањето на можноста за тестирање на населението.

Кон средината на април главниот владен научен советник рече дека задржувањето на бројот на починатите под 20.000 би бил „добар исход“.

Велика Британија е петта земја во светот според официјалниот број починати во светот, по САД, Италија, Шпанија и Франција. Стручњаците очекуваат дека стапката на смртност може брзо да паѓа во следните неколку седмици.

Но вкупниот број смртни исходи веројатно ќе биде со илјадници поголем, кога ќе се додаде и бројката починати во домовите за стари и немоќни лица. Од 10-ти април бројот на смртни исходи во болниците е потценет за околу 40 отсто.

Минатата седмица организацијата Care England, којашто ги застапува независните домови за пензионери, врз основа на податоците кои самата ги собрала, проценува дека вистинскиот број починати во овие установи е значително е повисок.

„Ако ја разгледаме стапката на смртност по 1-ви април и ја споредиме со стапките претходните години, во домовите за стари лица од последиците на пандемијата би можело да има околу 7.500 починати. Без тестирања тешко ќе дадат точна процена“, рече Мартин Грин, генералниот директор на Care England во интервјуто за дневниот весник The Telergaph минатата седмица.

Стивен Повис, директор на Државната здравствена служба (NHS) во Англија, за BBC во саботата изјави „Ќе потрае, можеби ќе бидат потребни и години за да се согледаат сите последици од пандемијата во земјава“.

Премиерот Борис Џонсон сѐ уште закрепнува откако сериозно се разболе од Covid-19 на почетокот од април, а во негово отсуство министрите се обидуваа да ја објаснат високата стапка на смртност, ограничените тестирања и недостигот од заштитна опрема за медицинските работници и негувателите.

Постои загриженост дека ограниченото тестирање би можело да значи бавно излегување од карантинот и полош исход за британската економија, петтата според обемот во светот.

Изменадувачки позитивно, меѓутоа, ситуацијата ја коментираше Пивис велејќи дека NHS не е презафатена на начи на кој биле болниците во некои други земји. Според него, давателите на здравствената заштита сега се подготвуваат за повеќе третмани на лица заболени од други болести, како што е повторното започнување со планираните операции.

„Бидејќи сега бројот на пациентите со коронавирусот почнува да опаѓа, апсолутно е време повторно да започнеме со јакнењето на другите здравствени услуги“, рече за јавниот сервис Повис.