Над 2000 пациенти ја загубија борбата со Ковид-19 во Македонија, за 25 се утврдува како починале

Државниот санитарен и здравствен инспекторат од денеска почнува инспекциски надзор за 28-годишниот пациент, кој почина од ковид-19 на 8 декември. Досега ДСЗИ има иницирано 25 вонредни надзори за сите помлади пациенти.

Вчера беше регистриран најмладиот починат пациент, 22-годишно лице од Скопје. Лицето е едно од 28-те починати од Ковид-19 во текот на претходното деноноќие. Од починатите, пет пациенти се од Скопје (58, 75, 67, 78 и 22 г), еден од Куманово (69г), еден од Дебар (66г), шест пациенти од Прилеп (70, 77, 53, 56, 69 и 82 г), двајца од Струга (59 и 69 г), еден од Велес (66г), тројца од Битола (76, 69 и 61 г), еден од Кавадарци (57г), еден од Гостивар (83г), еден од Радовиш (80г), еден од Крушево (64г), еден од Кочани (65г), еден од Пробиштип (78г), двајца пациенти од Кратово (76 и 76 г) и еден пациент од Кичево (80г). Двајца се починати вонболнички услови, а 26 во болнички услови.

Покрај 28 починати, Министерството за здравство вчера регистрираше нови 929 случаи на заразени со коронавирусот од направени 2758 тестирања и 1068 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 70.883, бројката на оздравени пациенти е 47.364, на починати е 2.051, а бројот на активни случаи изнесува 21.468.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.313 и има околу 150 празни болнички кревети во ковид-центрите, информира вчера од Министерството за здравство.

Во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 870 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот, а во главниот град 499.

Најмногу хоспитализирани има на Клиниката за инфективни болести во Скопје, каде лежат 161 пациент, а во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 110 болни.

Во насока на зголемување на бројот на тестирања вчера разговараа министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.

-Лабораторијата во МАНУ дневно обработува од 200 до 250 брисови, но бројката во некои денови достигнува и до 350 бриса од ПЦР тестови. МАНУ ги покрива сите болници во државата, освен скопските клиники, ГОБ 8 Септември и болниците во Кичево и Дебар, информираат од Министерството за здравство.

Во текот на наредната недела ќе се испорачаат и дополнителни количини на клексан во Клиничката аптека во Скопје, а доволни количини на лекот има и за аптеките и за останатите болници во земјава.

Филипче вчера изјави дека и покрај зголемената потрошувачка, антикоагулантна терапија Клексан и Ксералте има доволно во земјава.

-Потрошувачката на антикоагулантна терапија е тројно зголемена во однос на истиот период лани, но добавувачите прават напори да се обезбедат бараните количини и во моментов нема недостиг од ваква терапија, ниту во аптеките, ниту во болниците, информираат од Министерството за здравство.

Во однос на лекувањето на Ковид-19, во последниот период се истакнува ефикасноста на лекот ивермектин, кој кај нас засега се користи во прашкаста форма за лекување животни.

Проф. д-р Драган Даниловски очекува наскоро овој лек да се набави и кај нас, во таблетарна форма за луѓе.

Тој истакна дека лекот, освен што помага при лекување на болните од Ковид-19, дејствува и профилактичко.

-Ивермектинот се користи од март во Австралија, во Нов Зеланд, во источните земји. Ако ги погледнеме бројките на смртноста, ќе видиме дека секаде каде што се употребувал ивермектин, смртноста е помала, рече проф. д-р Даниловски.

Тој смета дека ивермектинот ќе биде една пресвртница во третманот на ковид пациентите.